Жените од Кајсери ги претвораат камењата во кукли, негувајќи ја анадолската култура
„Телото на куклата го правиме од камењата што ни ги дава природата. Сами подготвуваме керамичка глина од која ја обликуваме облеката. Најчесто ги избираме традиционалните народни носии што ги отсликуваат нашето минато.“
Müzahim Zahid Tüzün
08 Мај 2026•Ажурирај: 08 Мај 2026
photo: Müzahim Zahid Tüzün / AA
КАЈСЕРИ
Жените што посетуваат курс во Институтот за доусовршување во турскиот град Кајсери со многу љубов ги претвораат камењата од природата во прекрасни камени кукли што ги отсликуваат духот и традицијата на Анадолија, јавува Анадолу.
Под будното око на наставниците по ракотворби и искусните мајстори, 12 учеснички на курсот ги оживуваат обичните камења. Со помош на керамичка глина, парчиња ткаенина и бои, тие ги претвораат во уникатни кукли облечени во традиционална народна облека од овој крај.
Директорот на Институтот, Али Дурмуш, за Агенција Анадолу рече дека нивна главна мисија е повторно да ги извадат на светлина заборавените вредности на својата земја.
Нагласувајќи дека за изработка на овие кукли се потребни многу трпение и труд, Дурмуш додаде:
Фотографија : Müzahim Zahid Tüzün/AA
„Нашите учеснички, заедно со наставниците, внимателно од природата ги избираат и ги собираат рамните камења што се најпогодни за обликување на телото на куклата. Тука ги обработуваат и им даваат човечки лик. На овој начин создаваат прекрасни украси, но и придонесуваат за семејниот буџет. На крајот на курсот подготвуваме изложба и секоја учесничка си ја зема својата творба. Овие кукли многу се бараат во туристичките места како сувенири, а предизвикуваат огромна радост кај децата и жените.“
- „Најчесто избираме облека со мотиви од нашето минато“ -
Наставничката по ракотворби, Мехтап Шавран, вели дека заедно со 12 учеснички изработуваат уникатни кукли од камен, а нивната изработка е вештина за која е потребно мајсторство.
Фотографија : Müzahim Zahid Tüzün/AA
„Телото на куклата го правиме од камењата што ни ги дава природата. Сами подготвуваме керамичка глина од која ја обликуваме облеката. Најчесто ги избираме традиционалните народни носии што ги отсликуваат нашето минато и култура, но секако ја слушаме и креативната желба на секоја учесничка. Глината ја подготвуваме од лепило, пченичен скроб и глицерин за да има совршена мекост. Со неа ги составуваме деловите на телото и ја добиваме слоевитоста на облеката“, објаснува Шавран.
- „Природата ни ги дава камењата бесплатно“ -
Шавран додава дека курсот се одржува шест дена во неделата и дека жените работат со огромен ентузијазам.
„Бидејќи учесничките сами ги обезбедуваат другите материјали, тие си ги носат куклите дома – некои им ги подаруваат на саканите, некои ги чуваат како украси, а некои ги продаваат. Најубаво е што природата ни ги дава камењата бесплатно, а ние со малку труд ги претвораме во уметнички дела“, вели таа.
Меѓу учесничките е и 70-годишната Нурије Акаја, која дошла на курсот за квалитетно да го исполни слободното време.
Таа рече дека создавањето со сопствени раце и дружењето со жените ја прават неизмерно среќна.
Педесет и седумгодишната Серпил Налчаџиоглу, пак, го опишува овој процес како вистинска терапија.
„Тука се ослободуваме од секојдневниот стрес. Прекрасно е чувството кога еден обичен камен ќе го претворите во уметничко дело. Никогаш претходно не сум знаела за овие кукли, првпат ги правам и чувството е волшебна, особено кога ќе го видите крајниот резултат. Им препорачувам на сите да дојдат и времето да го исполнат на ваков креативен начин. Едноставно, тука атмосферата е прекрасна“, порача Серпил.
Жените од Кајсери ги претвораат камењата во кукли, негувајќи ја анадолската култура