Mehmet Tosun
07 Октомври 2022•Ажурирај: 07 Октомври 2022
ПРАГА (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека одржал интензивни и продуктивни разговори на првиот самит на Европската политичка заедница во чешката престолнина Прага, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска, на маргините на самитот на Европската политичка заедница се сретна со бројни лидери, а по самитот, на прес-конференција во Прашкиот замок, говореше за средбата со премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, и за други регионални прашања.
Турскиот претседател рече дека верува дека Туркије и Ерменија можат да постигнат целосна нормализација врз основа на добрососедските односи во регионот.
Тој ги коментираше и односите на Туркије со Европската Унија.
„Сите предизвици покажуваат дека Туркије е клучна земја за ЕУ и за европскиот континент“, рече Ердоган по првиот самит на Европската политичка заедница.
Ердоган се осврна и на кипарското прашање.
„Туркије нема претензии кон ничија држава, суверенитет, права и закони на која било земја. Ние само се бориме да ја заштитиме нашата држава и интересите на кипарските Турци“, рече Ердоган.
Говорејќи за руско-украинската војна, турскиот претседател рече дека повторно ќе има телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Водиме грижа за житото и ѓубривата колку и за размената на затвореници. Утре ќе имам телефонски разговор со Путин и ќе разговараме за овие прашања“, рече Ердоган.
Шефовите на државите и владите од 44 земји, 27 членки на Европската Унија и 17 други европски земји, меѓу кои Туркије и Северна Македонија, учествуваа на самитот во Прага, чиј домаќин е чешката влада, која во моментов претседава со Европскиот совет. На состанокот не се поканети само Русија и Белорусија.