Necva Taştan Sevinç
07 Октомври 2024•Ажурирај: 08 Октомври 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Израел на крајот ќе ја плати цената за геноцидот што се случува во Газа веќе една година, порача денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Не треба да се заборави дека Израел, порано или подоцна, ќе ја плати цената за овој геноцид што трае веќе една година“, истакна Ердоган на Х.
Нагласувајќи ја потребата од колективна акција против Израел, тој истакна: „Како што заедничкиот сојуз на човештвото го спречи Хитлер, (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху и неговата мрежа за убиства ќе бидат запрени на ист начин.“
„Она што умира во Газа, Палестина и во Либан овие денови не се само жените, децата, бебињата и невините цивили туку и човештвото и меѓународниот систем“, додаде тој.
Ердоган посочи дека 50.000 лица, главно жени и деца, се убиени во Газа за една година и дека многу институции во Газа, меѓу кои и болници и училишта, се уништени.
„Многу новинари, претставници на граѓански организации и амбасадори на мирот повеќе не се меѓу нас“, рече Ердоган.
„Веќе една година она што е убиено пред очите на светот е самото човештво и сите надежи на човештвото за иднината“, додаде тој.
Турскиот претседател изрази и сочувство до палестинскиот и либанскиот народ поради убивањето на десетици илјади луѓе од страна на израелската Влада од 7 октомври.
„Светот во кој не се води сметка за геноцидот во Газа никогаш нема да најде мир“, рече тој.
„Како Туркије ќе продолжиме да ѝ се спротивставуваме на израелската Влада без оглед на цената и ќе го повикаме светот да се приклучи на овој достоинствен став“, додаде Ердоган.
Израел продолжи со својата немилосрдна офанзива врз Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се повикува на итен прекин на огнот, по нападот на Хамас на 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 42.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 97.100 се повредени.
Тековната израелска офанзива го расели речиси целото население на Појасот Газа, а постојната блокада предизвика недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел во моментов се соочува со обвиненија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите акции во Газа.