Gizem Nisa Çebi Demir, Mustafa Kırıkçıoğlu, Esra Tekin
15 Април 2026•Ажурирај: 15 Април 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција ги упатува сите потребни апели и презема иницијативи за намалување на тензиите, продолжување на прекинот на огнот и продолжување на преговорите по нападите на Соединетите Американски Држави (САД) и Израел врз Иран, јавува Анадолу.
„На израелската Влада, за која се знае дека е незадоволна од процесот на прекин на огнот, не смее да ѝ се дозволи да го саботира“, истакна Ердоган за време на состанокот на парламентарната група на неговата Партија на правдата и развојот (АК Партија).
„Преговорите не можат да се водат со стиснати тупаници. Не смее да се дозволи оружјето повторно да зборува наместо зборовите. Мора да се искористи прозорецот на можности отворен со прекинот на огнот“, порача тој.
Ердоган упати пофални зборови и за шпанскиот премиер Педро Санчез, велејќи: „Од срце му честитам на мојот драг пријател Санчез, кој зазеде цврст став против заканите на 'касапот на Газа, Нетанјаху“.
Во врска со регионалната стабилност, тој додаде: „Ако треба да има мир во нашиот регион, тоа ќе биде и покрај ционистичкиот режим. Ако се постигне стабилност, тоа повторно ќе биде и покрај израелската Влада“.
„Ќе продолжиме да го нарекуваме угнетувачот - угнетувач, пиратот - пират и убиецот - убиец. Ќе продолжиме да бидеме гласот на децата на Газа и да ги слушаме криците на мајките чии срца горат“, додаде тој.
Ердоган исто така порача дека: „Турција ќе продолжи да ги брани правата на нашите браќа чии земји се окупирани на Западниот Брег и ќе биде следбеник на каузата на децата убиени во сон во Либан“.
„Секогаш сме подготвени да бидеме гласот на мирот и да ги водиме мировните напори со принципот: мир дома, мир во регионот и мир во светот“, истакна турскиот претседател.
Осврнувајќи се на критиките од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху упатени кон него и кон Турција, Ердоган порача: „Ги потсетувам 'убијците на бебиња' кои зборуваат против мене и нашата земја на некои факти: Република Турција не е обична држава“.
Турското Министерство за надворешни работи во саботата остро го осуди Нетанјаху за неговите изјави насочени кон Ердоган, велејќи дека целењето на турскиот лидер е резултат на „непријатноста предизвикана од вистините што ги изразивме на секоја платформа“.
Министерството во соопштението наведува дека Нетанјаху, кој е наречен Адолф Хитлер на оваа ера поради неговите злосторства, е добро познат по своето досие.
Укажувајќи на налогот за апсење што беше издаден за Нетанјаху од Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства и злосторства против човештвото, во соопштението се предупредува за обидите на Нетанјаху кои имаат за цел да ги поткопаат тековните мировни преговори и да ги продолжат неговите експанзионистички политики во регионот.
Министерството ја повтори одлучноста на Турција во нејзините напори да го повика Нетанјаху на одговорност за неговите злосторства, заедно со поддршката за невините цивили.