Sena Güler
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Анкара го отвори големиот забавен парк „Анкапарк“, кој е најголем парк од тој вид во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Анкапарк ќе има огромен придонес за нашиот главен град“, изјави Ердоган и додаде дека тој комплекс значајно ќе придонесе за развојот на имиџот и туристичките понуди на Анкара.
Влезот во Анкапарк, познат и како „Wonderland Euroasia“, до крајот на месецот ќе биде бесплатен за сите посетители.
„Анкапарк содржи 1.217 забавни атракции, а во него е и втората најголема фонтана на светот, која може да исфрла вода и до 120 метри во вис“, изјави Ердоган.

Тој додаде дека Анкапарк е еколошки проект со десет мегаватен соларен енергетски систем. Тој систем во значајна мера ќе ги задоволи потребите на паркот.
Проектот за изградба на Анкапарк чинеше 1,4 милијарди лири (255 милиони долари), а проценките се дека Анкара од тој комплекс ќе инкасира 50 милиони лири (9,1 милиони долари) годишно.
Претпоставката е дека годишно Анкапарк ќе го посетуваат пет милиони домашни и странски туристи.
Паркот го изградија градските власти на Анкара, на површина од 1,3 милиони квадратни метри. Комплексот содржи и пет километри железнички пруги и паркинг-простор со капацитет до 6.800 возила.