Децата кои чекаат трансплантација на срце ја следат наставата во болница
- Двете деца, кои поради лекувањето се одвоени од училиштето, заедно ја следат наставата и во болничката училница
Duygu Yener
06 Ноември 2026•Ажурирано: 06 Ноември 2026
photo: Ahmet Serdar Eser / AA
АНКАРА
Елифсу Јуксел (11) и Кадирхан Јалчин (9), кои се лекуваат поради срцева слабост, чекаат итна трансплантација на срце за да можат да продолжат да живеат, јавува Анадолу.
Во Неделата на донирање органи, Кадирхан и Елифсу, кои сонуваат да се вратат дома и повторно да го добијат здравјето со ново срце, заедно со своите семејства чекаат добри вести во Детската болница на Универзитетот Хаџеттепе во Турција, каде што се лекуваат.
Двете деца, кои поради лекувањето се одвоени од училиштето, заедно ја следат наставата и во болничката училница.
Професорот Мурат Ѓувенер, член на академскиот кадар на Катедрата за кардиоваскуларна хирургија, во изјава за Анадолу рече дека трансплантацијата на срце е од витално значење за Елифсу и Кадирхан.
Фотографија : Ahmet Serdar Eser/AA
Истакнувајќи дека трансплантацијата на срце е неопходна опција за лекување, професорот Ѓувенер рече дека алтернативните можности за лекување се ограничени, особено поради нивната мала телесна тежина.
Ѓувенер истакна дека трансплантациите на срце може да се извршат со органи земени од починати донори и лица кај кои настапила мозочна смрт, додека бројот на донации е ограничен. Тој рече дека зголемувањето на донирањето органи би влијаело директно врз животот на пациентите кои чекаат трансплантација.
Истакнувајќи дека секојдневниот живот на пациентите значително се менува по трансплантацијата на органи, професорот Ѓувенер рече: „На сите им се менува животот, започнуваат нов живот. Се ослободуваат од лековите и тешките ситуации. Донирањето е навистина голема работа. Многу е тешко да се опише со зборови“.
- „Четири години чека трансплантација на срце“ -
Хатиџе Јуксел, мајката на Елифсу, раскажа дека е мајка на три деца и дека од Анталија дошле во Анкара за лекувањето на Елифсу, нејзиното второ дете.
Наведувајќи дека Елифсу има срцево заболување околу четири години и чека трансплантација, Јуксел рече дека во последните две години постојано патувале меѓу Анкара и Анталија, а дека околу 15 месеци го продолжуваат процесот на лекување.
Јуксел раскажа дека болеста на нејзината ќерка била вродена, но дека тоа го дознале подоцна. Таа рече дека побарале лекарска помош откако забележале дека девојчето брзо се заморува и дека усните ѝ помодруваат кога одело на училиште, а по направените прегледи ѝ била дијагностицирана срцева слабост.
Истакнувајќи дека минуваат низ тежок период, Јуксел рече: „Понекогаш, се разбира, многу се заморуваме. Се трудиме да бидеме силни и не ја губиме надежта. Заедно со Елифсу си даваме поддршка, понекогаш плачеме, понекогаш се смееме. Никогаш не ја губиме надежта“.
Истакнувајќи дека општеството треба да биде посвесно за донирањето органи, Јуксел рече: „Да се информираат и да ги донираат своите органи. За оваа тема да разговараат со своите семејства. Да дојдат до точни информации за ова прашање. Со органот што ќе го донираат, нечиј друг живот ќе продолжи. Да станат свесни за тоа“.
Елифсу, од своја страна, рече дека сака да излезе од болницата и да се врати дома.
„Сега сакам да бидам во мојот дом. Сакам да јадам грицки и да гледам филмови со моите браќа. Тука сум затоа што чекам трансплантација. Чекам трансплантација на срце. Најмногу сакам да ми извршат трансплантација и да си заминам“, рече таа.
Фотографија : Ahmet Serdar Eser/AA
- „Во болницата ги доживеав сите четири годишни времиња“ -
Ајше Јалчин, мајката на Кадирхан, раскажа дека во јануари дошле во болницата за лекувањето на нејзиниот син и дека оттогаш минуваат низ тежок период.
Наведувајќи дека останале во Анкара за лекувањето на Кадирхан, Јалчин рече: „Тука ги доживеавме сите четири годишни времиња. Моето друго дете го оставив и тука сме за лекувањето на Кадирхан. Минуваме низ тежок период. Воопшто не знаевме дека ќе биде вака. Дознавме кога дојдовме тука. Многу се израдувавме кога ги видовме нашите пријатели на кои им беше извршена трансплантација. Доживеавме огромна радост. Не можам да го опишам тоа низ што поминавме. Човек не разбира додека самиот не го доживее“.
Јалчин рече дека нејзиниот син претходно бил под лекарски надзор поради мускулно заболување, а дека во ноември минатата година дознале за неговиот срцев проблем по прегледите направени поради прекумерно потење додека одел на училиште.
Наведувајќи дека од Анталија биле упатени на Универзитетот Хаџеттепе, Јалчин рече дека околу една година се во болницата, дека ѝ недостигаат семејството и блиските, додека на Кадирхан му недостигаат наставникот и соучениците.
Јалчин, која раскажа дека и самата на мала возраст имала трансплантација на рожница, рече: „Да се живее со сопственото дете е нешто сосема поинакво. Посакувам никој да не го доживее ова и да не биде ставен на искушение со своето дете. Чекаме со надеж. Ова е нашата единствена опција и надеж“.