Asiye Latife Yılmaz
17 Април 2026•Ажурирај: 17 Април 2026
Американскиот амбасадор во Турција и специјален пратеник за Сирија, Том Барак, денес ја опиша Сирија како „еден од најголемите експерименти во новата дипломатија” во поновата историја, јавува Анадолу.
„Квантен потег што никој навистина не го предвиде ниту, пак, го очекуваше, во кој имате соработка со регионот, со Америка, со сојузниците и со една култура што е во потрага по сама себе”, изјави Барак во врска со Сирија, говорејќи пред новинарите на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија (АДФ).
Барак нагласи дека сите на Блискиот Исток „трагаат по иста работа: толеранција, почит, скромност и разбирање“.
„Тоа започнува прво од семејството, потоа од заедницата, па од религијата и на крајот од нацијата“, изјави тој, додавајќи дека Сирија е извонреден пример за „лабораторија во која експериментираме дали дијалогот и соработката може да функционираат, а засега тоа оди во одлична насока“.
Форумот се одржува во време на растечка глобална неизвесност и комплексни предизвици, вели Барак, опишувајќи ја дипломатијата како витална алатка во екот на тековните кризи, додавајќи дека дипломатите работат на градење дијалог што може да ги спречи конфликтите.
„Затоа овие дипломати, од кои учам секој ден, се тука за да создадат дијалог, разговори и реченици што спречуваат куршуми, проектили, ракети и оружје”, вели Барак.
„Затоа сметам дека овие два дена се исклучително важни“, додаде тој.
Барак изјави дека е „возбуден и пресреќен што е тука, слушајќи, учејќи и помагајќи со мали придонеси таму каде што може“, притоа нагласувајќи го збунувачкиот и комплициран глобален амбиент.