Mücahithan Avcıoğlu
07 Јули 2026•Ажурирано: 07 Јули 2026
Турција се залага за зајакнување на соработката со сојузниците од НАТО во рамките на 36. Самит на лидерите на НАТО што се одржува во Анкара, истакна турскиот министер за трговија Омер Болат по приемот на лидерите на Чешка, Хрватска, Албанија, Романија и Литванија, јавува Анадолу.
Болат соопшти дека го пречекал чешкиот премиер, кој ја посети Турција во рамките на Самитот што го организира претседателот Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
„Ја потврдуваме нашата силна волја за зголемување на обемот на трговската размена меѓу Турција и Чешка и за натамошно унапредување на економската соработка, особено во инвестициите, индустријата, технологијата и одбранбената индустрија, врз основа на заемна корист“, истакна Болат на турската социјална платформа NSocial.
Тој додаде дека Турција, со својата силна економија, стратегиска локација и активна трговска дипломатија, ќе продолжи да придонесува за развојот на соработката меѓу сојузниците.
Во посебна изјава Болат наведе дека го пречекал и хрватскиот претседател, кој престојува во Турција за да присуствува на Самитот на НАТО.
Болат истакна дека Турција и Хрватска продолжуваат да ги унапредуваат односите врз основа на заедничка волја и меѓусебна доверба, создавајќи нови можности за соработка.
Подоцна тој го пречека албанскиот премиер, кој ја посети Турција по повод Самитот, и го испрати на состанокот на лидерите во Претседателскиот комплекс.
Болат нагласи дека Турција и Албанија имаат цел да ги подигнат економските односи на повисоко ниво преку нови проекти и заеднички инвестиции.
Болат го пречека и романскиот претседател кој, исто така, е во посета на Турција.
Тој порача дека Турција ќе продолжи со напорите за натамошно зајакнување на односите со Романија во секоја сфера, особено во трговијата, инвестициите, транспортот и економската соработка.
Исто така, Болат го пречека и литванскиот претседател на аеродромот „Есенбога“ во Анкара и го испрати на состанокот на лидерите во Претседателскиот комплекс.
Односите меѓу Турција и Литванија продолжуваат да се развиваат преку меѓусебен дијалог и соработка во различни области, особено во трговијата, инвестициите, транспортот и регионалната соработка, додаде тој.
Болат изрази надеж дека контактите остварени во рамките на Самитот ќе придонесат за соработката меѓу сојузничките земји и ќе помогнат во зајакнувањето на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во светот.
Самитот во Анкара ги собра лидерите од 32 земји членки на Алијансата, како и клучните партнери, за да разговараат за европскиот одбранбен капацитет, целите на Алијансата за издвојување за одбраната, воената модернизација и континуираната поддршка за Украина.
Состанокот во Анкара е втор самит на НАТО чиј домаќин е Турција, по Самитот во Истанбул во 2004 година. Собирот, исто така, обезбедува платформа за билатерални средби меѓу Турција и сојузничките земји за политичка, безбедносна и економска соработка.