Büşra Nur Çakmak
25 Јуни 2026•Ажурирано: 25 Јуни 2026
Министерството за надворешни работи на Турција денес изрази длабоко сочувство за загубените животи и огромната материјална штета предизвикана од земјотресите во Венецуела, нудејќи помош и порачувајќи дека земјата е подготвена да помогне, јавува Анадолу.
„Длабоко сме тажни поради значителната загуба на човечки животи и огромната материјална штета предизвикана од земјотресите во Венецуела“, се наведува во соопштението на Министерството.
Министерството упати сочувство до семејствата на загинатите и до народот на Венецуела, посакувајќи им брзо закрепнување на повредените.
Исто така, нагласено е дека Амбасадата на Турција во Каракас е во контакт со турските државјани и внимателно ја следи нивната состојба.
„Турција е подготвена да ја обезбеди сета потребна помош за Венецуела во овие тешки моменти“, соопшти Министерството.
Одделно, шефот на Директоратот за комуникации на Турција, Бурханетин Дуран, изрази сочувство, порачувајќи дека Турција ќе продолжи да се солидализира оваа јужноамериканска земја.
„Длабоко ме натажија последователните земјотреси во Венецуела. Искрено сочувствувам со страдањето на венецуелскиот народ и тагата за оние што ги загубија своите животи во земјотресот“, напиша Дуран на турската социјална мрежa NSocial.
Тој упати сочувство до народот и Владата на Венецуела и им посака брзо закрепнување на повредените во земјотресите.
„Турција ќе продолжи да се солидализира со Венецуела во овие предизвикувачки времиња“, додаде тој.
Претседателот на турскиот Парламент, Нуман Куртулмуш, исто така, упати сочувство, нагласувајќи дека Турција покажува солидарност кон Венецуела.
По земјотресот со интензитет од 7,2 степени што го погоди Сан Фелипе во северозападна Венецуела, се случи и втор, посилен земјотрес со јачина од 7,5 степени, југоисточно од Јумаре.
Бројот на загинати во двата земјотреса што ја погодија Венецуела се искачи на 32 лица, а речиси 700 луѓе се на болничко лекување низ земјата, соопшти вршителката на должноста претседател, Делси Родригез, утринава за време на прес-конференцијата емитувана на националната телевизија.
Бројот на жртви што го соопшти Родригез не ги опфаќа евентуалните настрадани во сојузната држава Ла Гваира, која се наоѓа на северниот брег, каде што имаше насилен удар и во двата земјотреса.
За време на обраќањето до нацијата Родригез им се заблагодари на земјите што изразија солидарност по катастрофата.