Мајсторот Нуретин веќе 60 години кове потковици на иста наковална
- Осумдесет и петгодишниот Нуретин Топрак, кој пред 60 години отворил ковачница во рурална населба во Ерзурум, се обидува да го зачува занаетот заедно со својот син
Tevhid Furkan Nehri
30 Октомври 2026•Ажурирано: 30 Октомври 2026
photo: Muhammed Onur Yavrutürk / AA
ЕРЗУРУМ
Ковачот Нуретин Топрак (85), од округот Олту во турскиот град Ерзурум, со години кове потковици на иста наковална во својата работилница, која ја отворил во 1966 година, пишува Анадолу.
Топрак, кој живее во руралната населба Оруџук во округот Олту, со занаетот започнал пред 70 години, а од 1966 година работи во работилницата што ја изградил покрај селската куќа.
Во работилницата, каде што со години се изработувале најразлични производи, од потковици за добитокот на локалното население до метални обрачи за тркалата на воловските коли, Топрак се обидува да го продолжи занаетот заедно со синот и покрај тоа што работата се намалува со развојот на технологијата.
Топрак, кој оттогаш до денес ја разгорува ковачката печка по утринската молитва и веќе 60 години кове железо на иста наковална, се обидува да го зачува занаетот заедно со синот, иако побарувачката се намалила поради механизацијата во земјоделството.
Фотографија : Muhammed Onur Yavrutürk/AA
- „Останав само јас, а и јас речиси останав без работа“ -
Ковачот Нуретин Топрак за Анадолу раскажа дека почнал да учи ковачки занает уште како дете, а по отслужувањето на двегодишниот воен рок отворил сопствена работилница.
Топрак рече дека во 1966 година со сопствени средства ја отворил работилницата во која работи и денес.
„Постојано сум во работилницата. Луѓе од блиските окрузи доаѓаа и купуваа потковици на големо. Сега се заморувам додека работам. Тешко ми е пред огнот. Веќе 10 години имам проблеми со крвниот притисок. Лекарот ми рече: ‘Не смееш да работиш покрај огнот.’ Му реков: ‘Докторе, тоа е како да ми велиш да влезам во гроб додека сум жив.’ Нема да го оставам железото. Ја извршувам утринската молитва, доаѓам и ја отворам работилницата. Работам пред огнот до 9 часот. Потоа доаѓа син ми и продолжува да работи. Така го доживеав животот до денес. Во последните четири години веќе не сум како порано. Она што го изработуваме веќе не се продава како некогаш. Сега работиме само ако има купувачи. Порано во овој регион имаше 18 ковачи. Сега нема ниеден. Останав само јас, а и јас речиси останав без работа“, рече тој.
Посочувајќи дека предметите што ги користи во работилницата се многу стари, Топрак раскажа:
„Кога ја отворив работилницата, купив наковална. Тука имам и руска наковална. Сите алати во работилницата се многу стари. Бидејќи веќе не се користат како порано, ги фати 'рѓа. Велат дека железото што се обработува не 'рѓосува. И овие алати почнаа да 'рѓосуваат бидејќи веќе не се користат.
- „Остана само изработката на потковици, а и таа наскоро ќе исчезне“ -
Педесет и шестгодишниот Хикмет Топрак, кој продолжува да работи со својот татко во ковачницата, рече дека занаетот е пред исчезнување.
Фотографија : Muhammed Onur Yavrutürk/AA
Тој раскажа дека и самиот започнал да се занимава со овој занает пред 43 години.
„Порано рачно изработувавме метални обрачи за тркалата на воловските коли, ралници, секири, мотики и копачи. Но сето тоа сега исчезна. Остана само изработката на потковици, а и таа наскоро ќе исчезне“, рече тој.