Fatih Erel
16 Јуни 2026•Ажурирано: 16 Јуни 2026
Кристијано Роналдо и Лионел Меси се на прагот на својот шести настап на Светските првенства, а домаќини на годинашниот Мундијал се САД, Мексико и Канада, јавува Анадолу.
Аргентина ќе се соочи со Алжир на стадионот во Канзас Сити во рамките на групата Ј, додека Португалија ќе ги одмери силите со Демократска Република Конго на стадионот во Хјустон, во натпревар од групата К.
Непосредно пред мечот, во центар на вниманието се фудбалерите што беа дел од секој Мундијал од почетокот на 2000 година до денес.
Аргентинскиот напаѓач Лионел Меси (38), кој од 2000 година остава неизбришлива трага на светската фудбалска сцена, како и 41-годишниот португалски фудбалер Кристијано Роналдо, ќе бидат дел и од овогодишниот Мундијал. Ова ќе биде нивно шесто учество на светските првенства со што официјално ќе испишат нова страница во фудбалската историја.
- Лионел Меси -
Се очекува 38-годишната аргентинска ѕвезда, кој го освои последното Светско првенство во 2022 година, да биде дел од националниот тим за својот шести Мундијал.
Аргентинскиот напаѓач го држи рекордот за најмногу одиграни натпревари во историјата на Светските првенства, со вкупно 26 мечеви.
Светското првенство Меси ќе го започне на 38-годишна возраст, а би можел да го заврши своето учество на шампионатот со навршени 39 години, по неговиот роденден на 24 јуни - доколку Аргентина успее да се пласира во подоцнежните фази од првенството по натпреварите по групи.
Меси, исто така, го држи рекордот и за најмногу постигнати голови за Аргентина на Светските првенства, 13 гола во 26 одиграни натпревари.
Аргентинскиот напаѓач, кој има настапувано на пет претходни Светски првенства (2006, 2010, 2014, 2018 и 2022 година), има постигнато седум гола на Мундијалот во 2022 година, со што го зголеми својот вкупен биланс на 13 погодоци.
Меси, кој има една титула од Светските првенства со репрезентацијата на Аргентина, ќе се обиде вторпат да го подигне трофејот во 2026 година.
- Кристијано Роналдо -
Португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо се подготвува шести пат да настапи на Светско првенство, откако неговата национална репрезентација веќе обезбеди пласман.
Со овој настап 41-годишната фудбалска ѕвезда ќе се запише во историјата како играч со учество на шест различни Светски првенства.
Со јасна намера да ја надмине бројката од 1.000 гола во кариерата, Роналдо и на овој шампионат се стреми кон нови погодоци.
Во досегашната кариера славниот фудбалер има постигнато осум гола на 22 натпревара во рамките на пет Светски првенства на ФИФА.
Роналдо ја носи титулата прв фудбалер во историјата што постигнал гол на пет различни Светски првенства, постигнувајќи голови на секој Мундијал од 2006 до 2022 година.
Познатиот фудбалер, кој сè уште не ја почувствувал радоста од освојување на Светско првенство со репрезентацијата на Португалија, на овогодишниот Мундијал ќе се бори за првата шампионска титула.