Mücahithan Avcıoğlu
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Италијанскиот министер за економија го одби предлогот на Паоло Замполи, специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Италија да го замени Иран на Светското првенство во фудбал во 2026 година, нарекувајќи ја идејата „срамна“, пренесе вчера италијанската државна новинска агенција АНСА, пренесува Анадолу.
Дебатата следуваше по барањето на Замполи да ѝ се дозволи на Италија учество на Мундијалот следната година наместо Иран и покрај тоа што италијанската репрезентација не успеа да се квалификува преку натпреварите на теренот.
ФИФА не објави официјален одговор, но извори цитирани од АНСА наведуваат дека светската куќа на фудбалот јасно ставила до знаење дека нема никаква основа за таква промена.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се залага Иран да остане меѓу 48 репрезентации што ќе се натпреваруваат и изрази уверување дека иранскиот национален тим ќе учествува.
Министерот за економија Џанкарло Џорџети го критикуваше предлогот, изјавувајќи:
„Денес прочитав дека претставникот на Трамп го побарал тоа: Го сметам за срамно. Јас би се срамел“, пренесуваат локалните медиуми.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио вчера ги демантираше известувањата дека Иран би можел да биде заменет со Италија на Мундијалот во 2026 година, нагласувајќи дека САД не презеле никаков чекор за забрана за влез на иранските спортисти во земјата.
Претходно и италијанскиот министер за спорт Андреа Абоди се спротивстави на идејата, велејќи дека евентуалното враќање на Италија на Светското првенство преку „накнадно вклучување“ не е ниту можно ниту соодветно.
„Враќање на Италија на Светското првенство? Тоа не е соодветно, ние се квалификуваме на теренот“, рече Абоди, додавајќи дека таков потег на ФИФА би бил „невозможен“.
Лучијано Буонфиљо, претседател на Италијанскиот национален олимписки комитет, исто така, се спротивстави на предлогот.
„Би бил навреден. Мора да заслужите за да одите на Светското првенство“, изјави Буонфиљо.
Иранската амбасада во Рим го критикуваше предлогот преку објава на американската платформа за социјални медиуми Х, соопштувајќи дека фудбалот „им припаѓа на луѓето, а не на политичарите“.
„Италија ја постигна својата големина на теренот, а не благодарение на политички придобивки“, соопшти амбасадата, додавајќи дека обидот за исклучување на Иран од Светското првенство покажува дека САД се наоѓаат во „морален банкрот“.
Прашањето се појавува во време кога остануваат отворени дилемите околу учеството на Иран во натпреварите што треба да се одиграат во САД.
Светското првенство 2026, чии домаќини се САД, Канада и Мексико, ќе биде прво издание на турнирот на кој ќе учествуваат 48 репрезентации.