Dejan Maksimoviç
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
САРАЕВО (AA) - Дејан Максимовиќ -
Според зборовите на Билал Шиман, селекторот на ракометната репрезентација на Босна и Херцеговина, утрово во 8.30 часот можеше да згасне босанско-херцеговскиот ракомет, јавува Anadolu Agency (AA).
Имено, доколку до 8.30 часот денес не беа уплатени околу 25.000 конвертибилни марки (12.500 евра) за авионските билети на репрезентативците, членовите на стручниот штаб и за делегацијата на Ракометниот сојуз (РС) на БиХ, кои треба да патуваат за Шпанија на натпреварот за квалификациите за ЕУРО 2018 што ќе се игра на 2.ноември, тие не би заминале во Валјадолид.
„Ако утрово не ѝ ги платевме картите на агенцијата преку која го резервиравме летот, не би заминале во Валјадолид на квалификацискиот меч со Шпанија. Ако тоа се случеше, можевме за три дена да ставиме клуч на вратата и потполно да го затвориме Ракометниот сојуз на БиХ. Имено, во таков расплет би биле казнети со 50.000 евра и веројатно исфрлени од сите натпреварувања од Европската ракометна федерација во наредните пет години, па ниту играњето на домашната лига не би имало смисла. На крајот, Смајо Карачиќ, генералниот секретар на сојузот и јас ги плативме картите, а тоа не е начин на кој треба да функционира една државна репрезентација“, огорчено зборува Шуман.
„Ова не е репрезентација на БХ телеком, „Клас“, на хотелот „Холивуд“ и „Хилс“ или на Мирвад Куриќ, министерот за култура и спорт на кантонот Сараево, туку веројатно на целата држава Босна и Херцеговина. Овие спонзори и Куриќ се единствените што во оваа земја сакаат да ни помогнат и кои ни излегоа во пресрет и во оваа ситуација. За жал, поради бирократијата, средствата не можеа утрово да легнат на сметката на агенцијата, па Карачиќ и јас ги плативме авионските билети. Веројатно ќе ги надоместиме тие пари, но не е тоа толку важно, колку што е односот кон државната ракометна репрезентација. Крајно време е да се пронајде некој систем и начин на кој надлежните институции ќе му помагаат не само на ракометот, туку и на сите спортови што ја претставуваат оваа земја на меѓународната сцена. Не велам дека државата мора да обезбеди 100 отсто од буџетот на сојузот, но 10 отсто би било многу добро и на сите би ни го олеснило функционирањето“.
Шуман е разочаран, но вели дека нема толку лесно да се откаже од својата намера да воведе многу новини во работата на ракометните селекции, особено на младите.
„Се обидуваме да удриме некои нови темели во работата на репрезентациите, почнувајќи од економот, па до тренерот и мене самиот како селектор. Се најдоа многу луѓе кои се подготвени да помогнат, но сѐ се сведува на завршување на работата на сметка на личните познанства. Помошта на државата и ентитетот се неопходни. Тажно е никој од претседателството и од Управниот одбор на РС БиХ да не реагира, бидејќи не е ова наша приватна репрезентација. Уште еднаш апелирам до сите, да помогнат како било, секоја помош е добродојдена, бидејќи таа значи подобрување во секој сегмент“, истакна Шуман и додаде дека е свесен оти ќе има секакви коментари на ваквиот негов чекор, но дека сака јавноста да знае како функционираат работите во државните репрезентации.
Ракометните репрезентации на БиХ ќе се соберат на 27 октомври, за да ги започнат подготовките за квалификациите за ЕУРО 2018 во Хрватска против Шпанија и Австрија.