Senada Ibraimova
10 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Агенцијата за млади и спорт (АМС) на прес-конференција ги претстави најголемите проекти и активности што ја одбележаа минатата 2016 година во работата на АМС, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на АМС, Марјан Спасески ја оцени работата на агенцијата за 2016 година како една од поуспешните. Според него, реализирани се огромен број проекти, од кои како што рече, бенефит видоа спортистите, спортските работници, младите луѓе и сите граѓани.
Во своето обраќање, Спасески рече дека се изградени вкупно 50 спортски објекти во делот на капитални инвестиции за 2016.
Тој нагласи дека се изградени 35 спортски сали, а уште 3 се во фаза на градба. Од планираните 100, изградени се вкупно 69 повеќенаменски игралишта, а од планираните 120 тениски терени, изградени се вкупно 89, од кои 23 во 2016 година. Тој исто така рече дека се изградени и ставени се во употреба 9 фитнес зони, а во завршна фаза е уште една, во Маврово, Ростуше.
Спасески информираше дека изградбата на затворениот базен во Охрид е во напредна фаза и тој ќе биде со димензии за играње ватерполо. За реализацијата на овој проект, АМС издвоила 5 милиони евра. Според она шт ого кажа, агенцијата ќе продолжи со изградба на нови базени, а ќе почне и со изградба на отворен базен во општина Шуто Оризари.
„За сите овие проекти, во 2016 година од буџетот на Агенцијата беа издвоени околу 400 милиони денари, што уште еднаш докажува дека спортот и спортската инфраструктура се во фокусот на работа на оваа влада“, рече Спасески.
Според него, АМС во 2016 година продолжи со директната поддршка на професионалните спортисти, стручните лица и сите спортски работници. Агенцијата обезбедила 500 стипендии „Спортска надеж“ за младите талентирани спортисти, а најдобрите 300 ученици од училишните спортски игри за 2016 биле наградени со бесплатно летување во Охрид, пренесува Спасески.
Во делот на младите, агенцијата во 2016 година успешно ги реализирала проектите „Млади поети“ и „Млади уметници“, чијашто основна цел, како што вели Спасески, е поттикнување на креативноста и творештвото кај младите.
„Успешно беше реализиран и проектот ‘Најдобар млад програмер’“, рече Спасески и додаде оти овој проект, кој е во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Здружението на информатичари на Македонија, има за цел да ги поттикнува младите да го продолжат своето образование на факултетите за технички науки.
Спасески понатаму пренесе дека на Самитот на Западен Балкан, одрѓан на 5. јули во Париз, премиерите на Македонија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина потпишаа меѓународна спогодба за воспоставување Регионална канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан, со седиште во Тирана, која има за цел да ја поттикне соработката меѓу младите во регионот, а ќе започне со работа во март 2017.
Според Спасески, АМС во 2016 остави голем белег во делот на законодавството, односно во измените на Законот за спорт и на Законот за данокот на добивка.
„Новите мерки за развој на спортот, според мене, го одбележаа крајот на 2016 година. АМС кон крајот на 2016 година интензивно работеше на измени и дополнувања на соодветните закони, реализираше неколку јавни расправи и ги донесе подзаконските акти, со кои се обезбедуваат нови и стабилни извори за финансирање на спортот, и тоа преку: обезбедување средства од правни лица, кои вршат приредување на игри на среќа и забавни игри во обложувалници и автомат-клубови, и поддршка за федерациите, спортските клубови и спортисти поединци преку поддршка на компаниите што ќе финансираат спортска федерација или спортски клуб преку соодветни даночни олеснувања, според утврдените правила“, истакна Спасески.
Тој на крајот упати апел до компаниите да ги искористат новите поволности согласно измените во законодавството и на тој начин директно да придонесат за развојот на спортот во државата.