Halis Sünnetci
13 Октомври 2026•Ажурирано: 13 Октомври 2026
Поранешниот капитен на Ливерпул, Стивен Џерард, побара на Манчестер сити да му бидат одземени титулите и да се соочи со повеќегодишна казна поради прекршување на финансиските правила, вклучително и забрана за трансфери и одземање бодови, пренесува Анадолу.
Гостувајќи на поткастот „Оверлап“ („The Overlap“), Џерард изјави дека клубот треба да сноси последици, но истакна дека од поединечните играчи не треба да се бара да ги вратат своите медали.
„Што се однесува до моите чувства, иако можеби и јас сум засегнат на некој начин, не би сакал поединечни играчи да враќаат нешто; тоа не би било правилно“, рече тој.
„Но на клубот мора да му се одземат [титулите]... Треба да се даде пример“, додаде.
Џерард се спротивстави на испаѓањето на Манчестер Сити во Чемпионшипот, истакнувајќи дека таквата мерка би била неправедна кон клубовите што се борат за пласман во Премиер-лигата.
„Не мислам дека би било фер кон Чемпионшип ако тие испаднат таму бидејќи ќе бидат еден од трите тима што ќе обезбедат пласман во повисок ранг. На тој начин, ќе заземат едно место што би можело да му припадне на некој од клубовите од Чемпионшип, па затоа тоа не би било фер кон Англиската фудбалска лига (ЕФЛ)“, изјави тој.
„Мислам дека треба да се воведе забрана за трансфери и одземање бодови во одреден временски период и да се натераат да страдаат, исто како што тие направија сите други да страдаат во текот на тие девет или десет години додека го правеле тоа“, додаде тој.
Независна комисија на Премиер лигата го прогласи Манчестер сити за виновен за сериозни прекршувања на финансиските правила во периодот меѓу сезоните 2009/2010 и 2017/2018, вклучително и склучување „фиктивни“ договори со комерцијални партнери за вештачко зголемување на приходите.
Клубот поднесе жалба на одлуката, отфрлајќи ги обвинувањата и тврдејќи дека не е виновен. Допрва треба да се утврдат санкциите.