Ayhan Şimşek
01 Јули 2026•Ажурирано: 01 Јули 2026
Русија ќе продолжи да претставува долгорочна закана за евроатлантската безбедност дури и по завршувањето на нејзината војна против Украина, предупреди денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, јавува Анадолу.
Говорејќи на заедничката прес-конференција во Берлин со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Руте ги повика сојузниците да го одржат притисокот врз Москва, да ја забрзаат својата одбранбена подготвеност и да инвестираат повеќе во одбранбената индустрија.
„Мораме да го одржиме притисокот врз Русија. Дури и кога ќе заврши нејзината војна против Украина, Русија ќе остане долгорочна закана за евроатлантската безбедност“, изјави Руте за новинарите, додавајќи дека меѓународното безбедносно опкружување станало понестабилно и покомплексно.
Тој ѝ се заблагодари на Германија за силната финасиска и воена поддршка на Украина и најави дека самитот на НАТО во Анкара следната недела ќе им понуди на сојузниците и партнерите можност да разговараат за одржлива, предвидлива и долгорочна безбедносна помош за Украина.
Руте нагласи дека иако европските земји обезбедуваат огромна поддршка за Киев, континуираната поддршка од САД е клучна за одржување на одбранбените капацитети на Украина.
„Кога станува збор за одбраната на Украина, улогата на САД е незаменлива. Поддршката од Вашингтон продолжува да пристигнува“, рече Руте, истакнувајќи ја важноста на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ во заштитата на енергетската инфраструктура и урбаните центри во Украина.
„Само САД можат да го направат ова во тој обем, и тие сè уште го прават тоа, помагајќи и на многу други начини што не се секогаш за јавно соопштување“, додаде тој.