İlayda Çakırtekin
24 Јуни 2026•Ажурирано: 24 Јуни 2026
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси, денес изјави дека нуклеарните инспекции во иранските централи за збогатување ураниум ќе продолжат и покрај противењето на Техеран, објави „Еуроњуз“, пренесува Анадолу.
За време на прес-конференцијата во јапонската нуклеарна централа „Фукушима Даичи“, Гроси ги демантираше иранските негирања дека земјата се согласила на нуклеарни инспекции, повикувајќи се на меморандумот за разбирање потпишан меѓу САД и Иран.
„Договорот експлицитно вели, буквално со сите зборови, дека нуклеарните активности што ќе се спроведуваат во објектите со нуклеарен материјал ќе бидат под надзор на МААЕ“, изјави Гроси пред новинарите.
„Очигледно, за да го направиме тоа, ќе мора да извршиме инспекција. Дали тоа ќе се случи задутре, за една недела или за 10 дена, важно е, но не и пресудно. Тоа ќе се случи“, додаде тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера упорно тврдеше дека Иран ќе им дозволи на нуклеарните инспектори да влезат во земјата и покрај негирањата од Техеран, нагласувајќи дека инспекторите ќе бидат на терен „во соодветно време“.
Во изјавата за медиумите Трамп ги негираше иранските тврдења дека нема закажани посети од инспекторите на МААЕ, и покрај најавата од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс дека Иран се согласил повторно да дозволи влез на нуклеарни инспектори во земјата.
Минатата недела САД и Иран електронски потпишаа меморандум за разбирање, со што започна 60-дневен преговарачки рокза решавање на споровите, меѓу кои спаѓа и судбината на иранските резерви на збогатен ураниум, неговата нуклеарна програма и други нерешени прашања.
Документот од 14 точки повикува на итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан, укинување на поморската блокада на Иран и безбеден премин за комерцијалните бродови преку Ормускиот Теснец.
Исто така, во него е вклучен план за обнова и економски развој на Иран во вредност од најмалку 300 милијарди долари, укинување на рестрикциите за извоз на нафта, ослободување на замрзнатите средства на Иран, како и повторна потврда од Техеран дека нема да развива нуклеарно оружје.