Şeyma Erkul Dayanç
04 Мај 2026•Ажурирај: 04 Мај 2026
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, денес изјави дека тајмингот на евентуалното повлекување на американските трупи од Европа најавен за следните шест до 12 месеци е „изненадувачки“. нагласувајќи ја потребата Европа да ја зајакне својата улога во рамките на НАТО, јавува Анадолу.
„Долго време се дискутираше за можно повлекување на американските војници од Европа. Сепак, најавеното време (на повлекување) доаѓа како изненадување“, изјави таа за време на осмиот состанок на Самитот на Европската политичка заедница во Ереван.
Калас истакна дека овој развој на настаните ја нагласува потребата „значително да се зајакне европскиот столб во НАТО“ и дека Европа мора „повеќе да направи сама“.
„Американските војници се во Европа не само за да ги заштитат европските интереси туку и американските“, додаде таа.
Запрашана за ставот на Доналд Трамп, Калас рече дека на состанокот не биле присутни американски претставници за да ја појаснат позицијата на администрацијата.
Таа ги даде овие изјави откако Пентагон најави намалување на американското воено присуство во Германија, најголем американски воен центар во Европа, во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон и неговите европски сојузници околу војната во Иран и царините.
Портпаролот на Пентагон изјави дека околу 5.000 војници ќе бидат повлечени од Германија по наредба на секретарот на американската одбрана.
Овој потег следува по изјавите на Трамп што укажуваат на тоа дека Вашингтон го преиспитува своето воено присуство во Германија откако германскиот канцелар Фридрих Мерц ги критикуваше САД за недостиг на јасна стратегија за излез од војната со Иран.
Таа, исто така, ја истакна стратегиската важност на регионот на Кавказ во услови на тековните тензии, вклучително и војната во која е вклучен Иран, истакнувајќи дека самитот во Ереван ја нагласил важноста на отпорноста и поврзаноста.
Калас го опиша „Средниот коридор“ како „исклучително важен“, велејќи дека неодамнешните случувања на Блискиот Исток ја зајакнале потребата за диверзификација на трговските патишта и намалување на зависноста од транзитни патеки.
„Затоа поврзаноста и овие алтернативни патишта се толку клучни“, изјави таа.
Калас се осврна и на политичката насока на Ерменија, нагласувајќи дека одлуката за евентуалната европска иднина на земјата е во рацете на ерменскиот народ, кој за тоа ќе се изјасни на претстојните избори.