Esra Tekin
08 Јуни 2026•Ажурирано: 08 Јуни 2026
Шест лица се повредени во напад со нож на железничката станица „Пен“ во Њујорк синоќа, инцидент кој ја зголеми загриженоста за безбедноста во градот пред важните натпревари од финалето на НБА, на кои се очекува да присуствува и претседателот Доналд Трамп, јавува Анадолу.
Инцидентот се случи во време кога безбедноста веќе беше зголемена околу „Медисон Сквер Гарден“, кој се наоѓа над големиот железнички центар.
Предвидено е Њујорк Никс да бидат домаќини на Сан Антонио Спурс таму за натпреварите 3 и 4 денес и среда, во атмосфера на голема возбуда, додека Никси се стремат да ја освојат својата прва НБА-титула по 1973 година.
Противпожарната служба на Њујорк соопшти дека била алармирана околу 19 часот по известувањата за повеќе жртви со убодни рани во близина на Западната 33. улица и 7. авенија, еден од влезовите на станицата „Пен“.
Според противпожарната служба, едно лице е тешко повредено, а четири се здобиле со умерени или полесни повреди.
Петте жртви биле пренесени во болницата „Белви“, а друг претставник на органите на редот изјави дека ниедна од нивните повреди не е опасна по живот.
Шестото лице било пренесено во друга болница, изјави портпаролот на противпожарната служба за Си-ен-ен, но состојбата на тоа лице не беше објавена.
Осомничениот е приведен, изјави претставник на органите на редот, додавајќи дека лицето можеби е бездомник.
„Мораа да повикаат други полицајци за да го фатат“, вели сведок, изјавувајќи за Даблју-Си-би-ес, поврзана со Си-ен-ен, дека полицајците употребиле бибер-спреј врз осомничениот и го собориле на земја.
„Тој само врескаше, мавтајќи со главата“, изјави друг сведок за Даблју-Си-би-ес во врска со осомничениот.
„Го имам видено еднаш, но не мислев дека е способен да направи нешто.“