Serdar Dincel
08 Јуни 2026•Ажурирано: 08 Јуни 2026
Јеменските Хуси денес најавија воведување „целосна забрана“ за израелскиот поморски сообраќај во Црвеното Море, со предупредување дека сите бродови поврзани со Израел што минуваат низ овој коридор повторно ќе бидат цел на напади, пренесува Анадолу.
Преку соопштение Хусите порачаа дека извршиле ракетни напади врз чувствителни израелски цели во регионот Јафа, тврдејќи дека „ракетните напади прецизно ги постигнале своите цели“.
Ракетните напади врз Израел се одговор на израелската агресија врз Иран, Палестина, Либан, Ирак и Јемен, истакнаа Хусите.
„Потврдуваме дека на ескалацијата ќе возвратиме со ескалација и нашето воено дејствување ќе се засили во согласност со случувањата на терен, текот на борбата и во синхронизација со оската на џихадот и отпорот”, истакнаа Хусите.
Јеменските Хуси „нема да останат рамнодушни пред неправедната опсада на нашиот народ и народите од оската на џихадот и отпорот во Палестина, Газа, Иран, Либан и Ирак“, се додава во соопштението.
Според израелскиот Канал 12, претходно денес, Израел привремено го затвори воздушниот простор по пресретнувањето на ракета лансирана од Јемен.
Развојот на настаните следеше откако Иран доцна синоќа истрела серија ракети кон северниот дел на Израел, по претходниот израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут.
Израел потоа започна напади врз западниот и централниот дел на Иран, при што беа пријавени експлозии во неколку ирански градови, меѓу кои и Техеран, Исфахан и Табриз.