Darren Lyn
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Официјалниот Инстаграм-профил на Белата куќа од времето кога Барак Обама беше претседател е хакиран, објави денес познатиот американски портал за шоу-бизнис ТМЗ, пренесува Анадолу.
Вчера било забележано дека профилот е хакиран откако на него почнале да се појавуваат чудни објави. Инаку, корисничкото име на овој профил е @obamawhitehouse.
Највпечатливата објава била слика генерирана со вештачка интелигенција, придружена со текст што во превод гласи: „Белата куќа е под контрола на шиитите“, пренесува ТМЗ.
Хакерот, исто така, објавувал и нови „стори“ (приказни) на Инстаграм-профилот, кој инаку го следат дури 2,4 милиони луѓе.
Претставник на компанијата „Мета“, која е сопственик на Инстаграм, го потврди упадот за ТМЗ и изјави дека во меѓувреме профилот е обезбеден. Целата неовластена содржина е отстранета.
Според ТМЗ, последната легитимна објава на профилот е од 20 јануари 2017 година, ден кога претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата.
Не се објавени детали за тоа кој е одговорен за хакирањето.
Обама има посебен личен профил на Инстаграм со корисничко име @barackobama, кој го следат 42,2 милиони луѓе.