İlayda Çakırtekin
22 Јули 2026•Ажурирано: 22 Јули 2026
Францускиот министер за образование, Едуар Жефре, денес ја нарече „неопходен чекор“ новоусвоената забрана за социјални мрежи за лица под 15 години во земјата, тврдејќи дека платформите ги одвојуваат младите од светот, пренесува Анадолу.
„Во секој случај, тоа е неопходен чекор“, изјави Жефре за дневниот весник „Ла Депеш“.
„Денес нашите млади минуваат неколку часа дневно на таканаречените платформи за социјални мрежи што, во реалноста, ги одвојуваат од светот, ја намалуваат нивната способност за концентрација, па дури може да предизвикаат и самоубиствени мисли.“
Тој рече дека забраната за социјални мрежи ја одразува целта на образованието, а тоа е да ги научи младите како да користат алати пред да им ги стават во раце.
„Дали тоа е доволно? Не. Во исто време мора да им понудиме нови простори за социјална интеракција, особено преку културни и спортски активности“, додаде Жефре.
Во врска со забраната за мобилни телефони во француските средни училишта, тој нагласи дека вистинскиот предизвик е да им се помогне на учениците да ја разберат важноста на одговорно користење на екраните.
„Денес нашите млади се жртви на прекумерна изложеност на екрани, што им штети на нивните социјални односи, менталното здравје и когнитивните способности“, рече Жефре.
- Прва земја од ЕУ што воведе забрана за социјални мрежи за лица под 15 години -
Франција вчера стана прва земја од Европската Унија (ЕУ) што воведе забрана за социјални мрежи за лица под 15 години кога Парламентот го усвои предлог-законот со 243 гласа „за“ и два „против“ во Сенатот и 279 „за“ и 81 „против“ во Националното собрание.
„Се обврзав на тоа и сега е изгласано“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на американската платформа за социјални мрежи Х, пофалувајќи го потегот.
Тој истакна дека сега останува Уставниот совет да донесе одлука, по што Владата може да пристапи кон спроведување и мерката да ја направи реалност.
„Денес Франција го води патот... Овој закон означува решителен чекор напред. Тој обезбедува поголема заштита за младите од ризиците што ги носат социјалните мрежи и праќа јасна порака до платформите дека сега мора целосно да ги преземат своите одговорности“, напиша на Х министерката за дигитални прашања Ан Лененф.
Поранешниот премиер Габриел Атал, најавен кандидат за претседателската трка следната година, исто така, усвојувањето го нарече „решителна победа“.
„Франција го води патот и гради заштитен штит околу својата младина... Заштитувајќи ги нашите деца денес, ја подготвуваме иднината“, напиша тој на Х.
Законот стапува на сила од почетокот на септемвриската учебна година за новоотворените профили на социјалните мрежи, а за профилите отворени пред тој датум ќе важи од почетокот на јануари.