James Tasamba
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
УНИЦЕФ започна со воздушен транспорт и испорака на итно потребна хуманитарна помош во Демократска Република Конго, што е дел од итниот хуманитарен одговор со цел да се спречи сè поголемото ширење на еболата, се вели во соопштението објавено доцна синоќа, пренесува Анадолу.
Со поддршка од Европската Унија (ЕУ), испорачани се повеќе од 100 тони помош во лекови, медицински материјали, средства за хигиена и заштитна опрема за здравствените работници кои се на првата линија на борбата против епидемијата.
„Во трка сме со времето за да спречиме да се шири оваа епидемија. Ситуацијата и понатаму е многу загрижувачка и динамична. Овие итни залихи се од клучно значење за да помогнат во заштитата на работниците на првата линија и да им дадат поддршка на погодените заедници, вклучувајќи ги и децата“, изјави Џон Агбор, претставник на УНИЦЕФ во Конго.
Се очекува оваа помош да им помогне на речиси 100.000 луѓе, вклучувајќи деца и семејства кои живеат во заедници кои веќе се наоѓаат во тешка хуманитарна состојба поради раселување на населението, конфликти и ограничен пристап до основните социјални услуги.
Помошта е донесена по воздушен пат од глобалниот центар за снабдување и логистика на УНИЦЕФ во Копенхаген преку специјализиран хуманитарен лет со поддршка од Операциите за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија, со цел да се спречи ширењето на вирусот во погодените заедници.
Најновиот извештај на Министерството за здравство, објавен во средата, покажува дека бројот на сомнителни случаи на ебола во Конго надминал 1.000, како резултат на наглиот пораст на заразени низ источните провинции.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус, вчера пристигна во Конго во посета која има за цел да ги засили напорите за спречување на ширењето на еболата во земјата.
Нагласувајќи ја потребата за вклученост на самата заедница во превентивните мерки, Тедрос за новинарите изјави дека моменталната епидемија е сложена поради раселувањето на населението и несигурноста во погодените области, што го прави многу тешко спречувањето на ширењето на вирусот.