Dilara Hamit
03 Јули 2026•Ажурирано: 03 Јули 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп сподели видео креирано со вештачка интелигенција (ВИ), во кое се прикажува себеси како лекар што препишува „лек“ за она што тој го нарекува „Синдром на Трампово растројство“. Видеото вклучува верзии на неколку холивудски ѕвезди, создадени со помош на ВИ, кои јавно го критикувале во минатото, јавува Анадолу.
Видеото во траење од околу 90 секунди, објавено на платформата „Трут соушал“ во средата вечерта, започнува со верзија на претседателот создадена со вештачка интелигенција, облечена во бел лекарски мантил и со стетоскоп околу вратот.
„Дали вие или некој што го познавате е дијагностициран со ТДС? Симптомите можат да бидат немилосрдни. За среќа, јас сум доктор Трамп и имам соодветна терапија“, вели ВИ-верзијата на Трамп.
Терминот „Синдром на Трампово растројство“ честопати го користат Трамп и неговите поддржувачи за да опишат, според нив, ирационална непријателска настроеност кон претседателот, иако тоа не е призната медицинска состојба.
Видеото потоа прикажува ликови генерирани со вештачка интелигенција на познати личности, меѓу кои актерите Роберт де Ниро, Џулија Робертс, Едвард Нортон и комичарката Вупи Голдберг, кои наводно опишуваат како оваа фиктивна состојба влијаела врз нив, пред да ја пофалат измислената терапија на Трамп.
На крајот од видеото, ВИ-верзијата на Трамп повторно се појавува со „рецепт“.
„Терапијата е едноставна: исклучете ги лажните вести, молете се и, доколку некогаш почувствувате вознемиреност, само испијте една диетална кока-кола како мене, и ќе забележите значајна разлика во вашиот живот“, вели тој.
Оваа објава е само една од низата слики и видеа создадени со вештачка интелигенција што Трамп ги сподели на социјалните мрежи, од кои многу предизвикаа критики поради начинот на кој се прикажани политичките противници и јавните личности.