Zehra Nur Çelik
20 Февруари 2025•Ажурирај: 21 Февруари 2025
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп повторно повика на американска контрола врз Гренланд поради, како што рече, безбедносни грижи, пренесува Анадолу.
„Гренланд ни треба многу од гледна точка на националната безбедност и меѓународната безбедност, мора да направиме нешто со Гренланд“, изјавил Трамп за новинарите во Ер Форс 1, објави „Форбс Брејкинг њуз“.
Запрашан дали ова прашање е „дел од одредени разговори што ги имате со Европејците и (рускиот претседател Владимир) Путин“, Трамп одговори негативно.
„Мора да го имаме Гренланд поради сликата за националната безбедност уште повеќе сега отколку пред 20 години, пред 30 години, кога зборуваа за тоа и тогаш“, рече Трамп.
„Знаете, тие порано зборуваа за тоа. Пред многу години зборуваа за Гренланд. Но сега со модерното оружје, авионите и брзината на авионите и сите овие работи, мора да го имаме Гренланд“, нагласи тој.
Гренланд, територија под дански суверенитет од 1953 година, го привлече интересот на Трамп поради стратегиската локација и огромните минерални ресурси. Тензиите се зголемија откако Трамп одби да ја исклучи можноста за економска или воена акција во врска со Гренланд, тврдејќи дека тоа е клучно за „заштитата на слободниот свет“.
Претходно Трамп рече дека поседувањето на Гренланд е „апсолутна неопходност“ за американската економска безбедност, споредувајќи го неговото преземање со „голем договор за недвижнини“.
Слично на неговиот план да ги протера Палестинците од Газа и да го „среди“ Појасот кој, исто така, го окарактеризира како „големо место за недвижнини“, идеите на Трамп за Гренланд беа цврсто отфрлени и од Данска и од жителите на островот.