Diyar Güldoğan
15 Октомври 2026•Ажурирано: 15 Октомври 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека првично побарал од катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, да им позајми на САД авион „Боинг 747“ за привремена употреба како претседателски авион „Ер форс уан“, но дека катарскиот лидер наместо тоа понудил да му го подари леталото на Вашингтон, јавува Анадолу.
„Кога ви подаруваат нешто, го прифаќате, нели?“, изјави Трамп на собирот во Аризона. „Кога ќе ви подарат 747, кажувате: ‘Благодарам’“.
Трамп рече дека му се обратил на шеикот Тамим бидејќи авионите што моментално се користат за превоз на американскиот претседател се стари.
„Би сакале да го позајмиме бидејќи нашите авиони се стари 35 години.
Му се јавив на лидерот на Катар, многу почитуван човек, одличен човек, млад, всушност и убав и со многу пари“, рече Трамп.
„Реков: Тамим, ако е можно, во име на Соединетите Американски Држави и воздухопловните сили, би сакал да можам да го позајмам или да го користам вашиот 747 како ‘Ер форс уан’ извесно време, додека ги чекаме нашите“, рече тој.
Според Трамп, емирот одбил да го позајми авионот и наместо тоа понудил да им го подари на САД.
„Тој рече: ‘Не, не, не, не, не, не. Ти си мој пријател. Нема да ти дозволам да го позајмиш за да го користиш. Ќе ти дозволам да го добиеш во име на Соединетите Американски Држави. Можеш да го имаш’“, раскажа Трамп.
Тој рече дека го прифатил авионот во име на САД.
Американските воздухопловни сили го означиле катарскиот авион како ВЦ-25Б. Тој треба да служи како привремено решение додека војската ја чека испораката на два нови претседателски авиона „Боинг“, што се очекува во 2028 година.