Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
29 Април 2026•Ажурирај: 29 Април 2026
Сирискиот претставник во Обединетите нации, Ибрахим Олаби, изјави дека Израел намерно ја дестабилизира Сирија, предупредувајќи дека израелските сили дејствуваат со цел да го провоцираат Дамаск, дури и во време кога земјата вложува напори за стабилизација на регионот, јавува Анадолу.
Во своето излагање на отворената дебата на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток, Олаби истакна дека напорите на Сирија за воспоставување безбедност биле нашироко поздравени на меѓународно ниво, но обвини дека тие „во моментов се саботираат од страна на израелската окупациски сили и нивните криминални практики во Јужна Сирија“.
Тој во продолжение изјави дека израелските сили „ги користат сите можни средства за да го провоцираат сирискиот народ”.
Сирискиот дипломат Олаби, иако го задржа критичкиот тон кон израелските политики, призна дека пошироката регионална слика покажува одредено подобрување.
„Иако ситуацијата во регионот денес е подобрена во однос на изминатите недели, сè уште не е постигнато конечно решавање на конфликтот, а состојбата останува во опасност од повторно влошување“, изјави тој.
Тој упати пофалби до меѓународните посредници за нивната улога во поглед на стабилизацијата на регионот, нагласувајќи дека светот мора да им се „заблагодари на сите земји што преземаат посредничка функција, особено на пријателскиот Пакистан, заедно со арапските држави од Персискиот Залив, Египет и Турција“.
Олаби, исто така, изрази поддршка за дипломатскиот ангажман на Вашингтон насочен кон спречување на ескалацијата во регионот, особено за напорите на претседателот Доналд Трамп, и го поздрави продолжувањето на прекинот на огнот во Либан.
„Во текот на изминатите неколку недели Блискиот Исток беше сведок на сериозна егзистенцијална закана“, изјави Ибрахим Олаби.
Во однос на прашањето за вооружените фракции, тој ја поддржа иницијативата на Бејрут против самостојната воена активност на Хезболах, поздравувајќи ја „одлуката на либанската Влада за отфрлање на какви било воени или безбедносни акции започнати од либанска територија надвор од рамките на легитимните државни институции, вклучително и вооружувањето на Хезболах“.
Предупредувајќи за постапките на Израел на окупираниот Западен Брег, тој укажа на „сериозната ескалација и унилатералните и нелегални израелски мерки на окупираниот Западен Брег“ и побара итен прекин на сите активности што го попречуваат дводржавното решение.