Michael Gabriel Hernandez
26 Мај 2026•Ажурирај: 26 Мај 2026
Квадрилатералниот безбедносен дијалог Квад интензивирано работи на прашања од глобално значење, изјави денес државниот секретар Марко Рубио, јавува Анадолу.
„Нашата заедничка цел во текот на изминатата година беше да го трансформираме ова од форум во кој се среќаваме да разговараме за проблемите, во форум каде што всушност преземаме конкретни мерки за нивно решавање и сметам дека можеме да им соопштиме на нашите народи дека започнуваме да го правиме тоа на доста агресивен начин“, изјави Рубио на состанокот на министрите за надворешни работи на Квад во Њу Делхи.
„Областите во кои соработуваме станаа уште порелевантни и позначајни поради неодамнешните настани низ светот. Поради тоа, сметам дека денеска постигнуваме дополнителен напредок во операционализацијата на нашите односи, во сферите каде што можеме да ја оствариме таа соработка“, додаде тој.
Дипломатското партнерство (Квад) меѓу САД, Австралија, Индија и Јапонија, е формирано во 2007 година.
Индиската Влада соопшти дека Квад ги обединува четирите земји „со посветеност да дејствуваат како сила за глобално добро и да поддржат отворен, слободен и инклузивен Индо-Пацифик кој е просперитетен и отпорен“.
Последниот самит на лидерите на Квад се одржа во САД во 2024 година. Состанокот на министрите за надворешни работи во Индија доаѓа во време кога продолжуваат дипломатските напори за ставање крај на американско-израелската војна против Иран, која е во состојба на прекин на огнот од почетокот на април.
Рубио, кој минатата недела пристигна во Индија во четиридневна прва официјална посета, изјави дека САД се стремат да го „обноват“ Квад.