Rabia İclal Turan
28 Мај 2026•Ажурирано: 28 Мај 2026
Соединетите Американски Држави ги вратија санкциите кон специјалната известувачка на Обединетите анции (ОН) за окупираните палестински територии, Франческа Албанезе, само неколку дена по нивното укинување поради судска одлука, јавува Анадолу.
Ажурираните податоци на веб-страницата на Министерството за финансии вчера покажаа дека Албанезе е повторно ставена на листата на специјално назначени државјани (SDN).
Американскиот окружен судија Ричард Леон на 13 мај пресуди дека администрацијата на Трамп веројатно го прекршила нејзиното право на слободен говор со тоа што ја санкционирала поради критикувањето на геноцидната војна на американскиот сојузник Израел во Појасот Газа, со што одобри привремена мерка против санкциите.
Во петокот, тричлениот совет на Апелациониот суд во Вашингтон привремено ја замрзна одлуката на судијата Леон, со што ѝ овозможи на Владата повторно да ги активира санкциите кон Албанезе.
Албанезе, која е италијанска државјанка, беше санкционирана од САД во јули 2025 година, откако побара од Меѓународниот кривичен суд во Хаг да подигне обвиненија за воени злосторства против израелски официјални претставници, во ек на војната на Израел во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја обвини Албанезе за водење „кампања на политичка и економска војна“ против САД и Израел, откако во нејзиниот извештај беа идентификувани корпорации кои наводно ја олеснуваат израелската окупација на палестинските земји, вклучувајќи ги Мајкрософт, Алфабет, Амазон и Палантир.
Албанезе од 2022 година ја извршува функцијата специјален известувач на Советот за човекови права на ОН за окупираните палестински територии, следејќи го прекршувањето на човековите права врз Палестинците.
Санкциите ѝ забрануваат на Албанезе влез во САД, пристап до американските банкарски системи и системи за плаќање, како и водење бизнис со секое лице кое е со седиште во оваа земја.
Сопругот на Албанезе, економистот на Светската банка Масимилијано Кали, и нивната ќерка, која е американска државјанка, поднесоа тужба против администрацијата на Трамп во февруари.
Израел уби повеќе од 72.000 Палестинци и повреди над 172.000 во двегодишната брутална офанзива од октомври 2023 година, која исто така предизвика големо уништување, зафаќајќи 90 отсто од цивилната инфраструктура.
Во ноември 2024 година, МКС издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел исто така се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради војната во палестинската енклава.