Muhammed Yasin Güngör
02 Ноември 2026•Ажурирано: 02 Ноември 2026
Приватен деловен авион со девет лица се урна вчера во населена област во близина на Крестхејвен, Флорида, при што загинаа сите лица во леталото, јавува Анадолу.
Авионот „Лирџет 60“ полетал од Меѓународниот аеродром „Остин-Бергстром“ во Тексас и бил упатен кон аеродромот „Норт Елеутера“ на Бахамите, пред да се урне околу 12:50 часот по локално време, соопшти Федералната управа за воздухопловство (ФАА).
„Денешната авионска несреќа во округот Палм Бич, Флорида, е ужасна трагедија“, изјави американскиот министер за транспорт Шон Дафи, потврдувајќи дека има загинати.
Местото на несреќата се наоѓа на неколку километри од имотот Мар-а-Лаго на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Инцидент со воздухоплов“, соопшти противпожарната и спасувачката служба на округот Палм Бич на американската платформа за социјални медиуми Х, повикувајќи ја јавноста да ја „избегнува областа“. Оттаму предупредија дека интервенцијата ќе трае подолго.
Канцеларијата на шерифот на Палм Бич ги затвори сите северни и јужни ленти на патот „Милитари Трејл“, меѓу булеварот „Крестхејвен“ и авенијата „Норт 10“, до понатамошно известување, со цел обезбедување на областа и овозможување непречена работа на екипите за итни случаи.
Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), независна федерална агенција на САД задолжена за истражување на несреќи во цивилниот транспорт и значајни инциденти низ земјата, ќе ја предводи истрагата заедно со ФАА.
Надлежните сè уште не ја утврдиле причината за падот на авионот.