Kanyshai Butun
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Русија денес потврди дека украинско беспилотно летало погодило патнички автобус на линијата Москва-Симферопол во градот Енакиево во областа Доњецк, која е под руска контрола, при што загинаа седум лица, а повредени се 11, јавува Анадолу.
Денис Пушилин, кој е поставен од Москва за шеф на областа Доњецк, преку социјалната мрежа Телеграм упати сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака побрзо закрепнување.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го опиша нападот како „лов на луѓе“.
„Нивните граѓани се туркаат во гроб преку присилна мобилизација од страна на безмилосни ловци, додека нашите луѓе се убиваат со терористички методи“, изјави портпаролката, чија изјава беше цитирана од руската државна новинска агенција ТАСС.
Руското Министерство за одбрана одделно соопшти дека во текот на ноќта соборило 354 украински беспилотни летала низ целата земја.
Генералштабот на Украина, пак, тврди дека Русија во текот на ноќта лансирала 198 беспилотни летала, додавајќи дека 189 биле пресретнати или неутрализирани.
Во украинската област Херсон загина едно лице, а шестмина се повредени во руското гранатирање, соопшти регионалниот гувернер Олександар Прокудин.
Гувернерот на областа Одеск, Олех Кипер, на Телеграм објави дека две лица се повредени за време на руските ноќни напади.
Русија во утринските часови, исто така, го гранатираше и регионот на Харков, при што се повредени пет лица, соопшти Олех Синехубов, шеф на воената управа на областа Харков, на Телеграм.
Тврдењата на двете страни не можеа независно да се проверат поради војната што е во тек.