Burç Eruygur
14 Октомври 2026•Ажурирано: 14 Октомври 2026
Кремљ денес соопшти дека во медиумите има „многу врева“ во врска со предлозите за мир со цел да се стави крај на тековната војна меѓу Русија и Украина, оценувајќи дека голем дел од објавеното е „измислица“, јавува Анадолу.
На прес-конференција портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го коментираше написот објавен во понеделникот во „Вашингтон пост“, во кој, повикувајќи се на неименуван американски функционер, се наведува дека САД и Европа работат на заеднички мировен предлог.
„Во моментов во медиумите има многу врева околу сето ова, а голем дел од таа врева не соодветствува со реалноста – станува збор за чисти измислици“, рече Песков.
Песков тврдеше дека европските земји прават сè што може за да ја продолжат војната, која трае повеќе од четири години, додека САД вложуваат напори да ја завршат.
Тој рече дека напорите за решение за војната во Украина се одвиваат дискретно и дека така ќе продолжат, додавајќи дека е прерано да се донесуваат заклучоци за промена на пристапот на Вашингтон кон воената поддршка за Киев.
Песков негираше дека се планирани меѓународни средби за војната за кои веќе е постигнат договор, а одби да ги коментира медиумските јавувања за можна посета на Русија од страна на директорот на ФБИ, Каш Пател.
„Севкупно, секако, би било подобро извонредните технологии, како 'Старлинк', воопшто да не се користат за воени цели“, рече Песков, осврнувајќи се на изјавата дадена претходно денес од надворешен советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој соопшти дека на сателитите „Старлинк“ во Украина им биле воведени ограничувања на брзината.
Портпаролот зборуваше и за вештачката интелигенција, тврдејќи дека некои земји ја претвораат во оружје и дека е неопходно да се биде подготвен за предизвиците што ги носат овие технологии.