Asiye Latife Yılmaz
18 Април 2025•Ажурирај: 19 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио денес изјави дека Вашингтон би можел да ги прекине напорите за посредување во мировните преговори за Украина доколку во наредните денови не се постигне напредок, јавува Анадолу.
„Ако не е можно да се стави крај на војната во Украина, мора да продолжиме понатаму,“ изјави Рубио за новинарите, по средбата со европските партнери во Париз вчера.
Тој потенцираше дека САД не се директен учесник во конфликтот.
„Ова не е наша војна. Ние не ја започнавме. Соединетите Американски Држави ѝ помагаат Украина веќе три години и сакаме ова да заврши, но ова не е наша војна,“ изјави Рубио.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму е посветен на мировниот процес, но дека САД мора да ги насочат своите напори и кон други глобални приоритети.
„Претседателот 87 дена постојано се обидуваше да го прекине овој конфликт, на највисоко ниво во рамките на оваа влада. Сега доаѓаме до точка кога мора да одлучиме дали тоа воопшто е можно. Затоа сме во постојан контакт со двете страни,“ додаде Рубио.
Рубио, заедно со специјалниот претседателски пратеник Кит Келог и пратеникот за Блискиот Исток Стив Виткоф, вчера во Париз одржаа разговори со високи европски и украински претставници за можностите за завршување на војната меѓу Русија и Украина.