Amir Latif Arain
21 Октомври 2026•Ажурирано: 21 Октомври 2026
Нема пристап однадвор до севернокорејските државни медиуми и државните портали, бидејќи речиси сите веб-страници во земјата се офлајн повеќе од 24 часа, објави денес веб-страницата „НК њуз“ со седиште во Сеул, пренесува Анадолу.
Иако причините за прекинот на национално ниво не се познати, се чини дека проблемите се поврзани со мрежата Рјугјонг-донг во Северна Кореја. Оваа мрежа историски се потпира на интернет-услуги обезбедени од кинескиот провајдер „Чајна јуником“, преку ИП-адреси поврзани со мрежата „Ценбонг“, која е со седиште во Хонгконг.
Вчера, голем број веб-страници истовремено почнаа да се соочуваат со континуирани прекини, вклучувајќи ја државната новинска агенција КЦНА, весниците „Родонг синмун“ и „Минџу џосон“, како и меѓународниот радиосервис „Гласот на Кореја“.
Оттогаш се недостапни и веб-страниците на државниот информативен портал „Наенара“, Министерството за надворешни работи, националната авиокомпанија „Ер Корјо“, како и порталот „ДПРК Портал“, кој содржи листа на официјални севернокорејски веб-страници.
ДПРК е кратенка за официјалното име на Северна Кореја – Демократска Народна Република Кореја.
КЦНА повторно стана достапна подоцна во текот на вчерашниот ден, но претходно беше недостапна 19 од вкупно 24 часа по почетниот прекин.
Останатите страници главно останаа офлајн во текот на целиот период, со исклучок на кратки интервали утринава, кои вкупно траеја околу 10 минути.
СМТП-серверот за е-пошта „Силибанк“ од Пјонгјанг, исто така, е офлајн од вторникот наутро, освен во еден краток период од пет минути утринава.
Од 2017 година, руската телекомуникациска компанија „Транс телеКом“ служи како алтернативен интернет-провајдер, а од 2023 година, и кинеските и руските услуги го насочуваат сообраќајот кон секундарна мрежа со седиште на Филипините, која ја дополнува мрежата Рјугјонг-донг.
Сепак, и покрај овие алтернативни патишта за пренос на податоци, пристапот до интернет останува во прекин веќе повеќе од еден ден.