Merve Berker
15 Јуни 2026•Ажурирано: 16 Јуни 2026
Речиси 80 милиони луѓе покрај источниот брег на САД се предупредени за опасни временски услови по прогнозите кои најавуваа силно невреме за подрачјата од Северна Џорџија до Мејн, јавија медиумите, пренесува Анадолу.
Според „Еј-би-си њуз“, невремето носи опасност од разорни ветрови, град со големи димензии, чести електрични празнења и локализирана појава на торнада.
Меѓу поголемите градови што се наоѓаат во ризичната зона се Њујорк, Олбани, Питсбург, Филаделфија, Вашингтон и Роли во Северна Каролина.
Синоптичарите велат дека невремето, се очекуваше да стигне до источниот брег на САД во неделата попладне по локално време и да продолжи во текот на ноќта, откако претходно се движеше низ Охајо и Тенеси.
Заканата од екстремни временски услови доаѓа по силните бури што во саботата зафатија делови од Средните големи рамнини на САД.
Во близина на Винфилд, Канзас, околу 70 километри јужно од Вичита, е регистриран град со големина на софтбол топка, а во други делови на Канзас и Небраска паѓал град поголем од топче за голф.
Метеоролошката станица во Неошо, Мисури, измери брзина на ветрот од 135 километри на час, што предизвика кршење на дрвја и големи прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Во меѓувреме, студената фронтална маса што бавно се движи до утре се очекува да донесе обилни врнежи од дожд во подрачјето на Тексас до Џорџија, а во некои области се прогнозира да паднат помеѓу 25 и 50 милиметри дожд.
Високите температури и зголемената влажност на воздухот ќе продолжат да преовладуваат во делови од југоистокот на САД и на западниот брег.
Се прогнозира дека индексот на топлина ќе надмине 38 Целзиусови степени во Роли, Савана и Талахаси, а за делови од Калифорнија и северозападниот дел на Пацификот има предупредување за екстремно високи температури.
Исто така објавено е дека некои области на пацифичкиот северозапад би можеле да се соочат со дневни температури меѓу 35 и 38 Целзиусови степени во текот на утрешниот ден.