Fatma Zehra Solmaz
19 Октомври 2026•Ажурирано: 19 Октомври 2026
Рускиот претседател Владимир Путин предложил следниот месец да се одржи трилатерална средба со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Ѓингпинг за да разговараат за војната во Украина и да изнајдат начин за завршување на конфликтот под услови поволни за Москва, објави „Волстрит журнал“, пренесува Анадолу.
Путин го изнел предлогот за време на телефонскиот разговор со Трамп на 9 октомври, изјавил поранешен руски разузнавач запознаен со прашањето, објави весникот.
Според известувањата, од разговорот произлегол и договор САД да купуваат руско дизел-гориво и да го олеснат неговиот пласман на глобалниот пазар.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека се водат разговори за можната средба.
„Сè уште нема јасна претстава за самата средба или за нејзината можна агенда, иако сите три страни ја признаваат хипотетичката можност за одржување на таква средба“, изјави тој за „Волстрит журнал“.
Висок американски официјален претставник изјави дека Трамп не се согласил на предложениот самит, но би можел да биде отворен за идејата, со оглед на неговата желба да го исполни ветувањето од изборната кампања за завршување на војната.
Според лица запознаени со разговорите, Кремљ предложил трилатералната средба да се одржи на маргините на претстојниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), закажан за 18 и 19 ноември во Шенжен, Кина.
Руските претставници го пренеле предлогот до Пекинг преку дипломатски канали, а Кина сигнализирала дека нема да се спротивстави на идејата доколку Трамп се согласи, според лица запознаени со неодамнешните разговори меѓу Москва и Пекинг.
Поранешниот руски разузнавач изјавил дека Путин и претходно, во неколку наврати, предложил одржување трилатерален самит со Трамп и Си.
Трамп неодамна постигнал договор со Путин за купување руско дизел-гориво со цел да се намалат цените на горивата, кои ја оптоваруваат американската економија и ги намалуваат изгледите на републиканците пред претстојните меѓуизбори.
Трамп во петокот ја суспендирал и примената на санкциите против Русија предвидени со двопартискиот закон што го потпиша минатиот месец.
Поранешниот разузнавач изјавил дека Путин има амбициозни, иако потенцијално нереалистични цели за трилатералниот формат, замислувајќи го како втор самит во Јалта, на кој светот би бил поделен на сфери на влијание.
Некои лица запознаени со разговорите изјавиле дека кинеските претставници се загрижени оти ваквиот геополитички настан би можел да ги засени плановите на Пекинг да ја искористи средбата на АПЕК за да ја истакне улогата на Кина во регионот.
Си настојува да ја балансира континуираната поддршка за Путин со потребата од одржување на економските врски на Кина со Европа, изјавиле истите извори.