Ayhan Şimşek
11 Ноември 2026•Ажурирано: 11 Ноември 2026
Германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) се соочува со истрага за заштита на личните податоци, откако при хакерски напад беа објавени лични информации за илјадници нејзини донатори, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Во нападот биле украдени околу 280 гигабајти внатрешни податоци, меѓу кои приближно 420.000 електронски пораки и 50.000 документи, од давател на хостинг-услуги на АфД во септември, а податоците биле објавени во октомври.
Германскиот весник „Тагесшпигел“ објави дека во протечените податоци биле откриени лични информации за околу 8.700 поддржувачи на партијата, кои донирале помали суми, до 150 евра (167 долари).
Наместо да ги избрише откако престанала потребата од нив за сметководствени и известувачки цели, партијата ги чувала автоматски генерираните известувања од „Пејпал“ и изводите од банкарските сметки испратени по електронска пошта, кои ги содржеле имињата на донаторите, банкарските податоци, адресите на е-пошта и домашните адреси.
Властите сега истражуваат дали АфД ги прекршила германските правила за заштита на личните податоци со тоа што не ги избришала податоците за помалите донации откако била исполнета целта за нивно пријавување, објави весникот.
Тие, исто така, проверуваат дали партијата презела доволно технички и организациски мерки за спречување на инцидентот.
Германските правила за заштита на личните податоци бараат од компаниите, институциите и политичките партии да обезбедат особено високо ниво на заштита на чувствителните податоци.
Организациите мора да ги преземат сите неопходни мерки – како што се шифрирање, евидентирање на пристапот и ограничување на пристапот – за да ја сведат можноста за протекување податоци на најниско можно ниво.
Според правилата, за повеќето прекршувања може да бидат изречени казни до 10 милиони евра.
За особено сериозни прекршувања, максималната казна се зголемува на 20 милиони евра.