Andrew Wasike
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Полицијата денес употреби солзавец и приведе неколку демонстранти за време на новите протести во централниот кениски град Нањуки против изградбата на карантински објект за ебола поддржан од САД во воздушната база Лаикипија, јавува Анадолу.
Дел од локалните бизниси низ градот беа затворени бидејќи полицијата се судри со демонстрантите кои се обидуваа да дојдат до објектот.
Густи облаци од солзавец се проширија низ делови на Нањуки, зафаќајќи ја и блиската џамија и околните улици додека демонстрантите се растураа низ трговските зони.
Говорејќи за новинарите, сенаторот на Лаикипија, Џон Кињуа, рече дека локалните лидери не биле информирани за објектот пред да започне изградбата, што предизвикува загриженост за транспарентноста и јавните консултации.
Тој рече дека окружните власти, вклучително и избраните претставници и локалната самоуправа, дознале за проектот дури откако работите веќе биле започнати.
Жителите и локалните лидери ветија дека ќе продолжат да се противат за објектот, тврдејќи дека тој претставува ризик за јавната безбедност, туризмот и локалната егзистенција.
Демонстрантите, исто така, ја обвинија Владата дека ги игнорира грижите на заедницата и судската наредба со која се запира проектот.
Објектот за ебола се наоѓа во воздушната база Лаикипија, на околу 8 километри од Нањуки, кој се наоѓа на приближно 200 километри северно од Најроби.
Најновите немири доаѓаат и покрај наредбата на Високиот суд со која се укинува изградбата на објектот и ѝ се наложува на Владата да ги објави договорите што стојат зад проектот.
Амбасадата на САД во Кенија претходно се обиде да ги смири жителите, велејќи дека објектот за биоизолација не претставува опасност за околните заедници и дека е дел од пошироките напори за сузбивање на епидемијата на ебола во регионот.
Полицијата и организаторите на протестите претходно потврдија дека две лица загинале за време на претходните демонстрации поврзани со објектот.