Diyar Güldoğan
20 Октомври 2026•Ажурирано: 20 Октомври 2026
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, патува за Норвешка на разговори со украинскиот претседател Владимир Зеленски денес, објавија вчера локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Според наводите, кои се повикуваат на американски официјален претставник, на разговорите во Осло се очекува да учествуваат норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, претставници на Е4 – група составена од Велика Британија, Франција, Германија и Полска – како и претставници на Европската Унија и НАТО, заедно со Зеленски.
„Целта е да се координира сеопфатен предлог што би можел да послужи како основа за обновување на преговорите со Русија“, изјави функционерот.
Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, во неделата разговарале и со Зеленски за да го разгледаат напредокот и да разговараат за следните чекори.
Според наводите, кои повторно се повикуваат на американскиот официјален претставник, Кушнер ќе учествува виртуелно на разговорите во Осло бидејќи има грип и избегнува средби во живо за да спречи ширење на болеста.
„По средбите во Осло, Виткоф планира да отпатува и во Русија, каде што се надева дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги презентира идеите развиени во консултација со Украина и европските партнери“, изјави официјалниот претставник.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Русија високо ги цени напорите на САД за посредување во решавањето на конфликтот во Украина.
Говорејќи на прес-конференција во Москва, Песков рече дека за постигнување конечен договор ќе биде потребно учество на претставник од Киев кој е подготвен да преземе одговорност.
Во меѓувреме, Трамп изјави дека можеби е време некој друг, наместо Зеленски, да преговара во име на Киев.
„Мислам дека е време некој друг да преговара во име на Украина, бидејќи што се случи? Загинаа огромен број луѓе. Тие го губат машкото население“, изјави тој за новинарите.
„Можеби е време Зеленски да најде некој друг што ќе преговара“, додаде Трамп.