Rabia İclal Turan
01 Јули 2026•Ажурирано: 01 Јули 2026
Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет изјави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху е „неспособен да ја води сопствената Влада“ затоа што министрите од крајната десница Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, заедно со ултраортодоксните групи, презеле контрола врз него, пренесува Анадолу.
„Тој е неспособен да ја води сопствената Влада бидејќи Бен-Гвир, Смотрич и Харедите, сите тие го контролираат“, рече Бенет во интервјуто за медиумот „Марио Нофал“.
„Во мојата Влада не би толерирал луѓе што даваат такви глупави изјави, како што тоа го прават Бен-Гвир и Смотрич. Јас никогаш не би го вклучил Бен-Гвир во владината коалиција. Сепак, доколку некој во мојот кабинет би истапил со такви коментари, јас би го повикал на одговорност. Нетанјаху веќе не може затоа што неговиот опстанок зависи од нив“, изјави Бенет.
Бенет призна дека меѓународниот углед на Израел е сериозно нарушен. Според него, причината не е пристрасното известување на медиумите или надворешната пропаганда, туку постапките на самата Влада – министрите со своето однесување постојано му нанесуваат штета на имиџот на Израел, а државата воопшто не вложува напори во јавната дипломатија.
Поранешниот премиер аргументираше дека долготрајните израелски војни во Појасот Газа, Либан и на иранскиот фронт се спротивни на израелската воена доктрина и ја исцрпуваат земјата. „Тоа не е доктрина на Израел“, рече тој.
„Ако мора да водиме војна, тоа треба да биде брзо и интензивно – да се победи и да се продолжи кон стабилизација на регионот. Кога се одолговлекува толку долго, тоа ги исцрпува нашата економија и нашите резервисти“, додаде тој.