Saadet Gökce
07 Април 2026•Ажурирај: 07 Април 2026
Поранешен австралиски војник е приведен денес на аеродромот во Сиднеј под сомнение за сторени воени злосторства во Авганистан, соопшти федералната полиција, јавува Анадолу.
Се очекува 47-годишниот маж да биде обвинет по пет точки за убиство во провинцијата Урузган во периодот меѓу 2009 и 2012 година, се наведува во заедничката изјава на Канцеларијата на специјалниот истражител (OSI) и Австралиската федерална полиција.
Иако името на поранешниот војник не беше наведено во официјалното соопштение, повеќе медиумски извештаи го идентификуваа како Бен Робертс-Смит, еден од најодликуваните војници на Австралија.
Доколку биде прогласен за виновен, максималната казна за воено злосторство – убиство е доживотен затвор.
Во соопштението се појаснува дека биле отворени вкупно 53 истраги за наводни воени злосторства извршени од припадници на австралиските одбранбени сили во Авганистан, од кои 39 повеќе не се активни.
Во моментов активни остануваат 14 истраги, од кои 10 се во тек, а четири се ставени во мирување.
Една истрага веќе доведе до подигнување обвинение против поранешен војник на специјалните сили за убиство како воено злосторство, а судењето е закажано за февруари 2027 година.