- Зејнеп КАТРЕ ОРАН / Ајнур ШЕЈМА АСАН
Досието составено од десетици илјади фотографии направени од воениот персонал со кодно име „Цезар“, кое ја открива бруталноста и систематското измачување во затворите на соборениот режим на Башар Асад во Сирија, повторно се отвора по соборувањето на режимот, пишува Анадолу.
Соборувањето на 61-годишниот режим на Баас во Сирија ги доведе на дневен ред режимските затвори, познати како центри за тортура, и затворениците убиени како резултат на бруталноста во нив.
Фотографиите направени од Цезар, кој ги снимал телата во воените болници донесени од затворите за време на граѓанската војна, се смета дека им припаѓаат на приближно 11.000 луѓе кои биле измачувани до смрт од страна на режимските сили.
Раните на труповите на фотографиите откриваат низ каква се тортура поминале притворените во затворите на режимот.
Извршниот директор на Сириската оперативна група за итни случаи, Муаз Мустафа, за АА зборуваше за обемот на тортурата во режимските затвори, за фотографиите направени од поранешниот режимски војник со кодно име „Цезар“ и ефектите на овие фотографии врз правните процеси.
Мустафа рече дека во рамките на работата на Сириската оперативна група за итни случаи со седиште во САД за ставање крај на бруталноста на режимот на Асад, од 2011 година досега документирале воени злосторства и иницирале правна постапка против некои виновници на режимот.
Истакнувајќи дека извршуваат хуманитарна помош, Мустафа зборуваше за фотографиите што ги направил војникот со кодно име „Цезар“, кој претходно служел во режимската војска и бил одговорен за регистрација на труповите донесени во воените болници во текот на граѓанската војна.
- „Разговарав со Цезар на денот кога беше соборен режимот на Асад. Плачевме двајцата“
Мустафа рече дека лично го познава „Цезар“, лицето кое ги фотографираше илјадниците луѓе брутално убиени, со нехумани методи од страна на режимот, кој повторно е во фокусот по падот на режимот на Асад.
„Разговарав со Цезар денес и денот кога беше соборен режимот на Асад. И двајцата плачевме некое време“, рече Мустафа, додавајќи дека обезбедиле финансии за заштита на важни сведоци како што се лицата познати со кодните имиња „Цезар“ и „ Гробар“.
„Во одреден момент, Цезар ќе го покаже лицето на светот и сите ќе го запознаат овој херој“, рече Мустафа.
- Сириската оперативна група за итни случаи ја извршува задачата за заштита и криење на фотографиите на Цезар
Мустафа рече дека Сириската оперативна група за итни случаи, чиј е извршен директор, ја извршува задачата да ги „заштити и крие“ фотографиите на Цезар кои ги откриваат воените злосторства на режимот.
Зборувајќи дека работат на тоа да го донесат Цезар во Европскиот парламент, британскиот парламент, Конгресот на САД и Обединетите нации, Мустафа истакна:
„Го донесовме Цезар во САД 6 пати. Како резултат на тоа, помогнавме во подготoвкaтa и изработката на Законот за цивилна заштита на Сирија - Цезар, кој одигра важна улога во ослободувањето од режимот на Асад.“
Законот, кој во својот наслов го вклучува кодното име „Цезар“ и предвидува наметнување дополнителни санкции за поединци и организации кои обезбедуваат помош за активностите на режимот на Асад и за неговите поддржувачи Русија и Иран во Сирија, беше прифатен од американскиот Конгрес во декември 2019 година и стапи на сила на 17 јуни 2020 година.
- „Фотографиите на Цезар го обелоденија она што се случи во Седнаја“
Нагласувајќи дека фотографиите направени од Цезар ги обелоденуваат условите и настаните во режимските затвори, како што е затворот Седнаја, Мустафа рече:
„Фотографиите на Цезар покажуваат колку време траеле настаните, и дека труповите на луѓето кои останале само кожа и коска, умреле од глад. Тие откриваат дека луѓето на кои им биле отстранети очите, биле ужасно измачувани. Фотографиите покажуваат темни траги на труповите, топењето на кожата и деформации предизвикани од електрична енергија, киселини и другите материи. На нив се гледа дека биле убивани деца и постари луѓе. Тие тоа ни го покажуваат и сега со ослободувањето на затворениците од Седнаја го гледаме истото.“
Подвлекувајќи дека ситуацијата во затворот Седнаја е ужасна, Мустафа рече дека „има повеќе подземни ќелии во споредба со другите“.
Напоменувајќи дека освен Седнаја има и други подземни затвори за кои не се знае и дека се обидуваат да ги најдат, Мустафа продолжи зборовите:
„Воопшто нема светлина тука (во затворите). Зборуваме за 100 луѓе кои се држат во една просторија. Луѓето немаат каде да седнат. Сите се принудени да стојат, бидејќи ако седите, зафаќате многу простор. Нема вентилација, речиси и да нема храна и луѓето редовно умираат. Нема хигиена. Те тепаат на одење и на враќање од тоалет. Понекогаш, луѓето кои одат во тоалет не се враќаат живи или се ужасно повредени. Навистина многу застрашувачко“.
- „Имаше многу гнев, но немаше дејствие“
Осврнувајќи се на реакциите на фотографиите на Цезар кај меѓународната заедница, Мустафа рече: „Имаше многу гнев, но немаше дејствие. Меѓународната заедница се посрамоти и секогаш ќе го чувствува срамот од оваа неактивност“.
Изјавувајќи дека иако во некои земји биле преземени некои чекори, единствената добивка постигната за време на граѓанската војна во Сирија е „Законот за цивилна заштита на Сирија - Цезар“, Мустафа рече дека тоа е постигнато со сведочењето на Цезар пред американскиот Конгрес и поддршката на повеќе луѓе.
„И меѓународните организации не направија ништо. Меѓународниот кривичен суд (МКС) дури и не издаде налог за приведување, ниту поднесе тужба. Но, сега, со Божја дозвола, ќе формираме суд во Дамаск и луѓето кои даваа наредби и ги измачуваа затворениците ќе бидат казнети. Ќе бараме одговорност од овие воени злосторници, вклучувајќи го и Башар Асад“, рече Мустафа.
- Седнаја - центар за тортура на режимот на Асад
Во извештаите објавени од меѓународните организации се наведува дека воениот затвор Седнаја, кој се наоѓа на 30 километри од Дамаск и е поврзан со Министерството за одбрана на пропаднатиот режим, се претворил во база во која биле чувани луѓето приведени на мирните демонстранти против режимот по настаните во март 2011 година.
Функционерите на соборениот режим тивко и систематски организирале убивање на илјадници луѓе притворени во затворот.
Извештаите дека режимот намерно ги држел своите затвореници во Седнаја во нехумани услови укажуваат на тоа дека затворениците постојано биле измачувани и систематски лишени од храна, вода, лекови и медицинска нега.
- „Фотографиите на Цезар“
Фотографиите направени од војникот со кодно име „Цезар“, кој служел во војската на сирискиот режим и бил одговорен за снимање на труповите донесени во воените болници во текот на граѓанската војна, се смета дека им припаѓаат на приближно 11.000 луѓе на возраст од 20 до 40 години, за кои е утврдено дека се убиени со тортура и нехумани методи од страна на режимот.
На фотографиите направени во периодот од мај 2011 до август 2013 година, раните на труповите се со доказна вредност бидејќи покажуваат како биле измачувани и убивани лицата кои биле држени во воените објекти на режимските сили.
Приближно 55.000 фотографии направени од војникот со кодно име „Цезар“ за прв пат беа објавени од АА во 2014 година. Предметните фотографии се од големо значење, покажувајќи го систематско мачење и гладување и служат како доказ за воените злосторства извршени од режимот на Асад.
news_share_descriptionsubscription_contact
