Tarek Chouiref
23 Јуни 2026•Ажурирано: 23 Јуни 2026
Највисоките црковни поглавари на Католичката и на Грчката православна црква од Ерусалим ги посетија Баптистичката болница и Универзитетот Ал-Азхар во Газа, во рамките на дводневната пасторална мисија наменета за поддршка на Палестинците кои се соочуваат со катастрофални хуманитарни услови предизвикани од израелската војна, јавува Анадолу.
Патријархот на Ерусалимската православна црква, Теофил III, и латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пицабала, пристигнаа во Газа во придружба на хуманитарни и здравствени претставници, како и претставници на меѓународни хуманитарни организации.
Во составот на делегацијата беше и Џозеф Д. Блоц, раководител на хуманитарните и медицинските активности на Суверениот воен ред на Малта, заедно со претставници на хуманитарната организација „Малтезер интернешнал“.
Пицабала ја пости Баптистичката болница во источниот дел на градот Газа, вршејќи увид во нејзините оддели и запознавајќи се со состојбата на пациентите и раселените цивили кои таму побарале засолниште.
Посетата ги опфати и Универзитетот Ал-Азхар и Очната болница „Св. Џон“, како дел од напорите за процена на условите во образовните и медицинските институции низ енклавата.
Во соопштението, латинскиот патријарх од Ерусалим изјави дека посетите се дел од „пасторалните одговорности” на црквите кон жителите на Газа во време на „тешко хуманитарно страдање, страв, загуба и неизвесност“.
Патријархатот истакна дека присуството на двајцата црковни лидери ја пренесува „молитвата на Ерусалим до ранетите верници во Газа и до сите кои страдаат“, како порака за утеха, милосрдие и солидарност.
Предвидено е двајцата патријарси да се сретнат со членовите на свештенството, религиозните заедници, христијанските семејства и Палестинците погодени од хуманитарната криза, со цел да им пружат духовна поддршка и обновена надеж.
- Порака за „оптимизам и надеж“ и покрај страдањата на Газа -
Учеството на делегацијата на Редот на Малта и на „Малтезер интернешнал“, исто така, ги одразува тековните хуманитарни напори насочени кон здравствената заштита, помошта во материјални средства и зачувувањето на човековото достоинство во Газа, се додава во соопштението на Патријархатот.
Џорџ Антоан, директор за операции на Латинскиот патријархат во Газа, во изјава за Анадолу истакна дека посетата ја одразува грижата на Црквата за жителите на Газа и решителноста на патријарсите одблизу да ги проценат страдањата и животните услови на луѓето.
„Посетата носи порака на оптимизам и надеж, и покрај ситуацијата со која се соочува Газа поради војната“, изјави Антоан, опишувајќи ја како „порака на љубов, мир и надеж“.
Тој упати апел до меѓународната заедница да ги поддржи овие напори и да им помогне на Палестинците во остварувањето на нивните легитимни права.
Пред избувнувањето на израелската геноцидна војна, христијанското население во Газа се проценуваше на околу 1.000 лица од вкупно 2,4 милиони жители на енклавата. Денес таму се останати само неколку стотици христијани.
Според податоците на Министерството за здравство во Газа, најмалку 1.021 Палестинец загинаа, а 3.249 се повредени во речиси секојдневните израелски напади кои претставуваат кршење на прекинот на огнот што е на сила од 10 октомври 2025 година.
Прекинот на огнот доаѓа по над двегодишна геноцидна војна во која се убиени над 72.000 Палестинци, ранети повеќе од 173.000, а околу 90 отсто од инфраструктурата во енклавата се целосно уништени.