Ekipa
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас го поздрави договорот за хуманитарна пауза во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Претседателот Абас и раководството го поздравуваат договорот за хуманитарно примирје“, истакна Хусеин Ал Шеик, генерален секретар на Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) преку соопштение.
„Ги цениме катарско-египетските напори и го обновуваме повикот за сеопфатен крај на израелската агресија врз палестинскиот народ, испорака на хуманитарна помош и спроведување на политичко решение засновано врз меѓународна легитимност, што ќе доведе до крај на окупацијата и стекнување слобода, независност и суверенитет на палестинскиот народ“, додаде тој.
Израелската Влада рано утринава се согласи на договор за размена на затвореници со палестинската група Хамас.
Според договорот, 50 Израелци кои ги држи Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во израелските затвори, објавија израелските медиуми.
Договорот вклучува и четиридневна пауза во борбите и влез на 300 камиони со хуманитарна помош, вклучително и гориво, во Појасот Газа.
Договорот, исто така, овозможува продолжување на паузата и потенцијално ослободување на повеќе деца и жени што ги држат двете страни.
Израел проценува дека најмалку 239 Израелци се држат од Хамас по неговиот прекуграничен напад на 7 октомври.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа по нападот на Хамас, при што загинаа 14.128 Палестинци, од кои 5.840 деца и 3.920 жени, според здравствените власти во енклавата.
Илјадници згради, меѓу кои и болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во израелската офанзива.
Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.