Откажувањата на летовите во САД во пораст додека блокадата на Владата влегува во критична фаза
Редуцирањето зафати 40 аеродроми со голема фреквентност и може да се зголеми на 10% до следниот петок, освен ако не се постигне договор за буџетот
СКОПЈЕ (АА) - Летовите низ Соединетите Американски Држави (САД) се откажуваат под тежина на блокадата на Владата која се провлекува низ својот најдолг период, што резултира со откажување на стотици рути, заканувајќи се со уште полоша состојба во наредните денови, објавија американските медиуми, пренесува Анадолу.
Федералната администрација за авијација (FAA) нареди редуцирање од 4% на летовите, наведувајќи ги како причина безбедноста и намалениот персонал предизвикан од блокадата, објави Си-ен-ен.
Редуцирањето зафати 40 аеродроми со голема фреквентност и може да се зголеми на 10% до следниот петок, освен ако не се постигне договор за буџетот.
Меѓу големите аеродроми кои се погодени се Џон Ф. Кенеди, Ла Гвардија и Њуарк Либерти во Њујорк, како и Лос Анџелес Интернешнл, Чикаго О'Хара, Далас-Форт Ворт, Мајами, Денвер и Хартсфилд-Џексон во Атланта. Се очекува и помалите регионални аеродроми кои зависат од овие централни аеродроми да се соочат со каскадни одложувања и откажувања на летовите.
„Делта ерлајнс“ откажа околу 170 летови вчера, „Јунајтед ерлајнс“ 200, а „Американ ерлајнс“ 220 до понеделник - приближно 4% од планираните летови на секој авиопревозник. „Саутвест ерлајнс“ пријави 100 откажувања и предупреди за понатамошно редуцирање.
Претставниците од секторот направија споредба на влијанието со силно невреме кое се „шири низ повеќе градови, а не само во еден регион“.
Блокадата на Владата, која започна на 1 октомври, ги прекина платите за федералните вработени, вклучувајќи ги контролорите на летање и службениците на Администрацијата за безбедност на транспортот (TSA), кои остануваат на должност без плата.
„Контролорите сега секојдневно даваат оставки поради пролонгираната природа на блокадата“, рече Ник Даниелс, претседател на Националното здружение на контролори на летање, додавајќи дека агенцијата има недостиг од 400 контролори – полоша ситуација и од блокадата во 2019 година.
Транспортните експерти предупредија дека континуираниот застој може да го турне системот кон криза.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
