Ahmet Gürhan Kartal
22 Февруари 2018•Ажурирај: 23 Февруари 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската полиција отвори истрага откако на новиот кралски пар, принцот Хари и неговата свршеница Меган Маркл, им бил испратен коверт во кој се наоѓала сомнителна материја, бел прашок, пренесува Anadolu Agency (AA).
Локалниот весник „The Evening Standard“ истакнува дека ковертот испратен до кралскиот пар во Кенсингтонската палата предизвикал страв за безбедноста на парот, а материјата е брзо проверена од страна на експерти.
Пратката била задржана пред да стигне до кралската двојка и била испратена на анализа која покажала дека материјата е безопасна.
Во соопштението на полицијата во врска со инцидентот се вели: „Полицијата отвори истрага откако на 12 февруари сомнителна пратка со одредена супстанца беше испорачан до палатата Сент Џејмс“.
Во соопштението се додава дека супстанцата била тестирана по што се потврдило дека е безопасна, и дека службениците ги испитуваат наводите за обид за злонамерно комуницирање поврзан со истиот пакет. Нема апсења, а истрагата е во тек.
Дневниот весник пишува дека службениците за борба против тероризмот биле повикани во палатата на 12 февруари, откако ден пред тоа на министерката за внатрешни работи, Амбер Руд, ѝ пристигнала слична пратка за која исто така се потврдило дека е безопасна.
Полицијата смета дека двата инцидента се поврзани.
Принцот Хари и 36-годишната американска актерка Меган Маркл ќе се венчаат на 19 мај во мала капела во замокот Виндзор.
Кралскиот пар бил информиран во врска со сомнителната пратка.