Gizem Nisa Çebi Demir
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Еден 18-годишник е убиен, а три лица, меѓу кои и 11-годишно дете, се повредени во пукање за време на церемонија по повод матурирање во средно училиште во Феирфилд, Северна Калифорнија, потврдија властите, јавува Анадолу.
Повикувајќи се на информации од полицијата во Феирфилд, „Еј-би-си њуз“ објави дека инцидентот се случил околу 19:15 часот по локално време, на паркингот пред средното училиште „Феирфилд“, непосредно по завршувањето на свечената церемонија на матурантите од училиштето „Сем Јето“.
Властите соопштија дека меѓу жртвите е и 18-годишник што починал на местото на настанот, додека 11-годишно дете, 20-годишник и 25-годишник се здобиле со повреди.
Од полицијата соопштија дека јавноста не е во опасност и додаваат дека на свеченоста имало околу илјада луѓе.
Поради тоа, детективите имаат на располагање стотици можни сведоци што може да помогнат во истрагата.
„Во моментов детективите работат на идентификување и сослушување на сведоците и активно ги следат сите траги во истрагата“, се наведува во соопштението на полицискиот оддел.
Официјалните лица не соопштија информации за каков било осомничен или осомничени, а сѐ уште не е јасно дали починатиот 18-годишник бил меѓу матурантите од средното училиште.
„Нашите мисли се со сите што се погодени од овој трагичен настан“, соопштија од локалните училишни власти од Феирфилд.