Rabia İclal Turan
14 Април 2026•Ажурирај: 14 Април 2026
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека администрацијата на Трамп секојдневно му поднесува извештаи за текот на преговорите со Иран, изјава што предизвика остри критики од американските конгресмени и политички аналитичари, јавува Анадолу.
„Вчера разговарав со потпретседателот Џеј Ди Венс. Ми се јави од својот авион додека се враќаше од Исламабад. Тој ме извести детално, исто како што прави оваа администрација секој ден, за напредокот на преговорите“, изјави Нетанјаху на состанокот на Кабинетот.
„Експлозијата дојде од американска страна, која не можеше да го толерира очигледното кршење на договорот на Иран за влегување во преговори. Договорот предвидуваше прекин на огнот и итно отворање на теснеците. Тие не го сторија тоа. Американците не можеа да го прифатат тоа”, истакна Нетанјаху.
Овие изјави предизвикаа бура од реакции во Соединетите Американски Држави, меѓу кои и од Марк Покан, конгресмен од Висконсин од редот на демократите, кој на американската платформа за социјални медиуми Х, напиша: „Администрацијата на Трамп дневно му поднесува извештај на Нетанјаху за војната со Иран, но не и на Конгресот или на американскиот народ. Добро размислете за ова.”
Поранешниот директор на американскиот Национален центар за борба против тероризмот, Џо Кент, кој поднесе оставка токму поради војната со Иран, предупреди дека преговорите се осудени на пропаст доколку администрацијата на Трамп не престане да му овозможува „директен увид во нашето донесување одлуки”.
„Израелците притискаат за нула проценти збогатување на ураниумот бидејќи добро знаат дека тоа е 'отровна таблета' за Иран и дека ќе доведе до продолжување на војната“, напиша тој на платформата Х.
Конзервативната аналитичарка Кендис Овенс изјави дека Нетанјаху „ужива јавно да ги понижува Доналд Трамп и Џеј Ди Венс“.
Засега Белата куќа не даде никаков официјален одговор на тврдењата на Нетанјаху.
Минатата недела Пакистан посредуваше за привремен прекин на огнот помеѓу САД и Иран, но со последователните преговори, што се одржаа викендов во Исламабад, не се постигна договор.
Либан и Израел, исто така, се согласија да одржат преговори, при што првата средба е закажана за денес во Вашингтон.