ОН предупредуваат дека за 30% е зголемен бројот на цивилни жртви во Украина оваа година
- Една третина од смртните случаи на цивили, како и повреди оваа година се предизвикани од напади со беспилотни летала, што укажува на растечките опасности од модерното војување за цивилите и хуманитарните работници, рече координаторот на ОН Шмале
ЖЕНЕВА (АА) – Бројот на цивилни жртви во Украина нагло се зголеми за 30% оваа година во споредба со 2024 година, изјави денес координаторот на Обединетите нации (ОН) за Украина, Матијас Шмале, јавува Анадолу.
Шмале за новинарите во Женева рече дека 2025 година за цивилите е посмртоносна од 2024 година, како резултат на интензивираните напади низ целата земја.
Една третина од сите смртни случаи на цивили, како и повреди оваа година се предизвикани од напади со беспилотни летала, што укажува на растечките опасности од модерното војување за цивилите и хуманитарните работници, додаде тој.
Од средината на 2025 година ниеден регион не е поштеден, рече Шмале, истакнувајќи ја ситуацијата во Донецк, каде што околу 3.000 луѓе остануваат во Покровск „под секојдневно гранатирање и на милост и немилост на урбаните борби“.
Од февруари 2022 година Мисијата за следење на човековите права на ОН документирала смрт на најмалку 14.383 цивили загинати во Украина, од кои 738 деца, а 37.541 повредени.
Оваа година повеќе од 57.000 евакуирани лица побарале хуманитарна помош - речиси 20% од нив се евидентирани само во август - според канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања, OCHA.
Нападите врз здравствените установи, исто така, се во пораст. Светската здравствена организација регистрираше 364 напади врз медицински установи помеѓу јануари и октомври.
Оваа недела во Херсон беше оштетена детска болница, при што беа повредени шест лица, а подоцна по друг напад во Виница почина седумгодишно девојче.
Како што се приближува зимата, повторните напади врз енергетската инфраструктура доведоа до прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од земјата. Планот на ОН за зимски услови 2025-2026 година има цел да им помогне на 1,7 милиони луѓе, но останува финансиран само 50%, според OCHA.
Шмале ги повика сите страни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и апелираше за посилна донаторска поддршка за одржување на операциите за спасување животи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
