Mücahithan Avcıoğlu
17 Јуни 2026•Ажурирано: 17 Јуни 2026
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) работат на голем план за елиминирање на својата зависност од Ормускиот Теснец, откако неодамнешното затворање на овој критичен воден пат ја изложи на ризик ранливоста на трговијата и енергетските текови во Персискиот Залив, пренесува Анадолу.
Министерот за надворешна трговија на ОАЕ, Тани ал Зејуди, изјави дека земјата се движи кон „нула зависност од Ормускиот Теснец“, објави „Блумберг“.
Ваквиот план доаѓа во време кога глобалните пазари го очекуваат целосното повторно отворање на теснецот по преодниот мировен договор меѓу Иран и САД.
Сообраќајот низ Ормускиот Теснец, преку кој пред војната минуваше речиси една петтина од вкупниот глобален транспорт на сурова нафта и течен природен гас (ЛНГ), е во прекин откако кон крајот на февруари започнаа американските и израелските напади врз Иран.
Според наводите, главниот фокус на Емиратите е ставен на значајно проширување на пристаништата на источниот брег — Диба, Фуџаира и Кор Факан. Овие пристаништа имаат стратегиска позиција на Оманскиот Залив и се наоѓаат надвор од Ормускиот Теснец.
Земјата исто така планира да изгради најмалку едно ново пристаниште на истото крајбрежје, заедно со нови нафтоводи, железнички и патни мрежи за поврзување на источните пристаништа со нафтените и гасните полиња и нафтените капацитети.
ОАЕ веќе користи постоечки нафтовод со капацитет од 1,5 милиони барели дневно за транспорт на сурова нафта до Фуџаира, што овозможува делумно заобиколување на Ормускиот Теснец.
Во средината на мај, земјата објави дека ќе ја забрза изградбата на втор нафтовод со цел да го удвои капацитетот за извоз на сурова нафта преку Фуџаира до 2027 година.
Исто така, земјата ја разгледува можноста за изградба на трет нафтовод и други опции за поддршка на извозот на петрохемикалии, течен природен гас и други енергетски производи.
Ал Зејуди не соопшти колку ќе чинат проектите ниту кога ќе почнат бидејќи сè уште се прави процена на нивната економска оправданост. Сепак, јасно е дека ваквото големо инфраструктурно проширување ќе бара инвестиции вредни повеќе милијарди.
Намалувањето на зависноста од Ормускиот Теснец и понатаму останува тешка задача, бидејќи пренасочувањето на течниот природен гас, алуминиумот и другите стоки подалеку од заливските пристаништа би било многу покомплексно отколку пренасочувањето на суровата и рафинираната нафта.
ОАЕ сè уште многу зависат од пристаништата во внатрешноста на Персискиот Залив за увоз и за пренесување на стоката натаму. Главен пример за ова е пристаништето Џебел Али во Дубаи, кое е меѓу најголемите контејнерски центри во светот.
ОАЕ постојано повикуваа на непречен сообраќај низ Ормускиот Теснец, потенцирајќи дека овој воден пат е од витално значење за регионалната и глобалната безбедност, стабилност и економски просперитет.
Овој план сигнализира поширока стратегиска промена кон намалување на изложеноста на геополитичките ризици во Персискиот Залив и зајакнување на алтернативните трговски и енергетски патишта надвор од Теснецот.